• среда, 18 декември 2024

Швајцарија ја забрани „Хезболах“, оквалификувајќи ја како терористичка организација

Швајцарија ја забрани „Хезболах“, оквалификувајќи ја како терористичка организација

Берн, 17 декември 2024 (МИА) - Швајцарскиот парламент гласаше за забрана на либанската група „Хезболах“, нарекувајќи ја закана за меѓународната безбедност. Аналитичарите посочуваат дека ова е невообичаен чекор за оваа неутрална земја, која традиционално ја следи политиката на промовирање меѓународен дијалог и посредување.

Забраната беше усвоена со 126 гласа „за“, 20 „против“ и 41 воздржан во Долниот дом на парламентот, откако минатата година доби одобрение од Горниот дом.

Швајцарската Влада се спротивстави на оваа мерка, со образложение дека може да влијае врз нејзината улога како неутрален посредник.

- Ако Швајцарија сега продолжи да ги забранува таквите организации со посебни закони, треба да се запрашаме каде и како се повлекуваат границите, рече министерката за правда Беате Јанс за време на парламентарната дебата.

Комитетот за безбедносна политика, кој ја предложи забраната, истакна дека посредничката улога на Швајцарија ќе остане недопрена благодарение на посебната одредба за мировни разговори и хуманитарна помош.

Минатата недела, швајцарскиот парламент ја прогласи за незаконска палестинската група Хамас поради нејзините напади во Израел на 7 октомври 2023 година.

Швајцарија претходно имаше забрани само за Ал Каеда и Исламската држава, кои се на листата на ОН на терористички организации. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан