• недела, 24 ноември 2024

Швајцарија обезбедила 260 милијарди франци за спас на банката Кредит Свис

Швајцарија обезбедила 260 милијарди франци за спас на банката Кредит Свис

Берн, 20 март 2023 (МИА) - Швајцарската влада и Централната банка обезбедија 260 милијарди швајцарски франци (280 милијарди долари) како поддршка за банката Кредит Свис (Credit Suisse) и УБС (UBS), покажуваат документите, што е еднакво на една третина од бруто домашниот производ (БДП) на Швајцарија.

Банката УБС соопшти дека ќе плати 3,4 милијарди долари за пропаднатата Кредит Свис , а владата на таа сума ги додаде и првите 5,4 милијарди долари загуби на ризичните пласмани и другите ризични имоти.

Договорот за преземање вклучува огромна поддршка од државата и Централната банка од програмата за заем и подобрување на ликвидноста и владиното ветување дека ќе апсорбира до девет милијарди франци потенцијални загуби од преземањето.

Кредит Свис минатата недела соопшти дека обезбедила 50 милијарди франци од швајцарската Централна банка од програмата за обезбедени кредити и краткорочна ликвидност. Програмата може да се користи доколку вредноста хипотеките и хартиите од вредност е поголема од износот на заемот.

Згора на тоа, швајцарската Централна банка и понуди на банката што ќе настане со спојувањето на УБС и Кредит Свис итен заем за ликвидност од дури 100 милијарди швајцарски франци и уште 100 милијарди франци од државниот механизам за заштита на ликвидноста, за кои изричито гарантира швајцарската Влада.

Вкупно 259 милијарди франци поддршка одговара на третина од швајцарскиот БДП, кој минатата година изнесуваше 771 милијарди франци.

Централната банка не одговори дали Кредит Свис или УСБ  ги искористиле понудените пари.

Британскките меидуми забележуваат дека и Кредит Свис и УСБ припаѓаат на групата од 30 глобално системски важни банки, чие работење е под будното око на регулаторот.

„Владата ќе мора да им објасни на гласачите зошто ги ставаат на ризик парите на граѓаните, парите на даночните обврзници, за да спаси банка која главно им служела на ултра богатите, правела неверојатни работи во инвестициското банкарство“, за Ројтерс изјави еден поранешен извршен директор на глобална банка. сд/

Остани поврзан