• четврток, 26 декември 2024

Шаќири: Со самиот избор на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во животот

Шаќири: Со самиот избор на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во животот

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Со самиот избор за продолжување на образованието на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во вашите животи. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на промоцијата на новата генерација дипломци и магистри на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.

Како што се наведува во денешното соопштение на МОН, тој оцени дека токму овој млад и квалификуван кадар ќе даде голем придонес во развојот на државата и нејзиното меѓународно интегрирање од аспект на конкурентност на стопанството, знаењето и технологијата.

- Да се инвестира во знаење и образование е најсигурна и најисплатлива одлука. Вие сте сега личности кои се стекнале со вештини и компетенции, подготвени стручно и професионално да се справуваат со предизвиците на новото време, смета министерот.

Кадар сте, додаде Шаќири, кој е баран и дефицитарен на пазарот на трудот, така што „сигурен сум дека ќе имате можности за добра заработка и за професионален и кариерен развој“.

- Верувам дека голем број матуранти ќе го следат вашиот пример и ова е добра прилика во пресрет на претстојните уписи во високо образование, да упатам порака до нив, доколку имаат афинитети кон електротехниката и информатичката област, да одберат да се образуваат на оваа високообразовна установа, за која сум убеден дека и во иднина, не само што ќе ги одржува, туку и континуирано ќе ги подигнува, стандардите за квалитет на настава и за спроведување на научно - истражувачка дејност, рече министерот.

Шаќири изрази благодарност до професорите и до сиот кадар кој работи на оваа високообразовна установа, потенцирајќи дека овие нови генерации и сите претходни кои веќе успешно работат во дејноста, се потврда за добро исполнетата образовна мисија. бд/сп/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан