• вторник, 24 декември 2024

Шаќири: Со планот за реконструкција на 50 училишни објекти до подобри услови за воспитно-образовниот процес

Шаќири: Со планот за реконструкција на 50 училишни објекти до подобри услови за воспитно-образовниот процес

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Обезбедувањето подобри услови за одвивање на воспитно-образовниот процес е еден од приоритетите на Министерството за образование и наука. Тоа е важен услов за подобрување на квалитетот на образованието, затоа што училишна средина прилагодена на потребите и барањата на учениците директно влијае врз подобри резултати од учењето, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири по денешната посета на неколку општини – Кичево, Долнени, Крушево, Чашка и Велес, каде во повеќе училишни објекти се одвиваат реконструктивни зафати.

-Со амбициозниот план за реконструкција на 50 училишни објекти што се реализира годинава во повеќе општини во државата, со буџет од над 4,5 милиони евра, сакаме пред почетокот на учебната година да направиме бројни подобрувања во училишната инфраструктура, посочи Шаќири.

Како што  соопшти МОН, во основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани во општина Долнени ќе се изврши реконструкција на кровот, фасадата и санитарните јазли, а целосно ќе се обнови и објектот на ОУ „Лирија“ во Житоше. Во Кичево пак, се реконструираат средните училишта „Дрита“ и „Мирко Милески“, а со реконструктивни активности се опфатени и основните „Владимир Полежиновски“, „Санде Штерјовски“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Во Крушево покрупни градежни зафати има во централниот објект на основното училиште „Никола Карев“, а наскоро ќе се обнови и подрачното училиште во село Алданци. Во општина Велес, министерството реализира инвестициски активности во Горно и Долно Јаболчиште, како и во село Бузалково.

-Остануваме посветени на градење образовен систем којшто ги подготвува учениците за предизвиците на современиот свет. Овие градежни зафати се само дел од тековните работи на Министерството за постојано подигнување на квалитетот на образованието како вложување во нашата младина и нашата иднина, нагласи министерот Шаќири.

Креирањето удобна и здрава средина за учење за учениците и за наставниците, како што рече министерот, посебно е насочено кон овозможување пристапност до објектите и до останатите содржини за секое дете, вклучително и за децата со атипичен развој.

-На оваа цел сме особено фокусирани и затоа во голем број училишта со поддршка од Светска банка, се дизајнира инфраструктура што ја олеснува мобилноста и ја поттикнува инклузивноста, создавајќи можности секое дете да напредува и да успее. Планираните подобрувања опфаќаат различни аспекти, меѓу кои и пристапни рампи и тоалети прилагодени за деца со попреченост, додаде тој. дма/ев/

Фото: МОН

 

Остани поврзан