• среда, 27 ноември 2024

Шаќири: До Владата не е доставен предлог училишната година да започне подоцна 

Шаќири: До Владата не е доставен предлог училишната година да започне подоцна 

Скопје, 19 јуни 2023 (МИА) - Предлогот училишната година да започне подоцна, а не на 1 септември, не е доставен до Владата, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири одговарајќи на новинарско прашање дали наставниците и синдикатите се консултирани за предлогот на МОН училишната година да започне на 11 септември, да има пролетен распуст и да заврши кон крајот на јуни.

- Се уште не е доставен предлогот до Влада. Тоа е дискусија што почна заедно со синдикатите, одговори министерот, појаснувајќи дека иако кај нас новата учебна година започнува на 1 септември, во други земји таа стартува подоцна.

Тој нагласи дека Владата ќе одлучи како е подобро за образовниот процес, нагласувајќи дека овие промени може да се реализираат и од септември, за што, според него, има доволно време.

- Доколку одлучиме за 1 септември, ќе биде петок. Доколку се одлучиме за втората варијанта, тоа е во средината на месец септември. Третата варијанта е почеток од 1 септември, но, исто така учениците да имаат пролетен распуст, појасни Шаќири.

Прашан дали новата учебна година ќе започне без проблеми, министерот одговори дека смета оти таа ќе биде една од поуспешните во делот на доставување на учебници уште од самиот старт.

Министерот беше прашан дали ќе има одговорност за тоа што биле пробиени тестовите на матурскиот испит.

- Имам побарано од Државниот испитен центар и Советот да ги има предвид сите закони и секое прекршување, да има заклучоци за образовниот процес во дел на препишување на државната матура. Ако имаше пробивање во дел на државната матура, ќе имаше други чекори. Но, и ние како општество во наредниот период сите да дадеме придонес за вакви случувања да има што помалку во образовниот процес, нагласи Шаќири. бд/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан