• среда, 25 декември 2024

Шаќири: Поголем дел од учебниците за трето и шесто и сите учебници за другите одделенија ќе ги има на 1 септември

Шаќири: Поголем дел од учебниците за трето и шесто и сите учебници за другите одделенија ќе ги има на 1 септември

Скопје, 22 август 2023 (МИА) – Сите учебници за прво, второ, четврто, петто, седмо, осмо и деветто одделение и поголем дел од учебниците за трето и шесто одделение ќе бидат доставени во училиштата до 1 септември. И во средното образование, по подолг период, ќе имаме достава на учебници на првиот училишен ден, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

За трето и шесто се изработуваат нови учебници согласно новите наставни програми од Бирото за развој на образованието (БРО) и поради тоа се очекува доцнење на некои од нив. 

-Поголем дел од учебниците од трето одделение, по три предмети, ќе се достават на 1 септември. Само за еден предмет, за кој чекаме одобрување т.е. последно мислење од рецензентската комисија, ќе биде на почетокот на септември, но не можам да кажам точен датум. За шесто одделение денеска во Националната комисија се одобрени дел од учебниците и за нив ќе направиме максимум за да стигнат на почетокот на учебната година, изјави Шаќири во интервју во Дневникот на ТВ Сител.

Додаде дека доцнењето нема да биде како минатата учебна година која, рече, „не беше лесна“ зашто имало нови наставни програми за четири одделенија. Оваа ќе биде поразлична учебна година бидејќи МОН, нагласи Шаќири, се подготвува од почетокот на оваа календарска година. Новите програми од БРО се доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение. 

-Најголемиот дел веќе се одобрени. Ова не беше истата позиција од претходната учебна година кога програмите беа доставени подоцна во МОН, рече Шаќири и додаде дека се одобрени и над 130 наслови во стручното образование. 

Во однос на рокот што му е даден на МОН од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за десет дена да ги обезбеди сите учебници поради пријава за продолжена системска дискриминација  за доцнењето од минатата учебна година, Шаќири рече дека имал состанок со претседателката на Комисијата и доставиле допис за постапките на МОН и чекорите што ги презело лани за обезбедување на учебниците. 

На прашањето дали е можно да има штрајк на наставниците затоа што Советот на СОНК и Независниот синдикат на образование не прифаќаат зголемување на платите од 10 отсто, Шаќири одговори дека „има многу причини да не се случи штрајк“.

- Да не ги споменувам претходните 20 проценти, само во претходната, една учебна година, се добиени 18,4 проценти повисоки плати во основно и средно образование. Со Општиот колективен договор се добиваат 10 проценти за целиот јавен сектор. Со синдикатот сме во напредна фаза на дискусија да се најде начин, освен со Општиот колективен договор, што може да се предвиди и во делот на покачувањето на минималната плата. Со Општиот колективен договор првпат имаме регрес во 2023 и тоа ќе се случи и во 2024 година, рече Шаќири.

Тој објави и дека, во насока на мотивирање на наставниците, со Министерството за финансии разгледуваат можност во новиот колективен договор да влезат и патни трошоци за наставниците и ќе се предвиди оддалеченост до/од училиштето. хс/са/ 

Фото: Принтскрин

Остани поврзан