• недела, 24 ноември 2024

Шаќири на панел-дискусија по повод Европскиот ден на јазиците

Шаќири на панел-дискусија по повод Европскиот ден на јазиците
Скопје, 26 септември 2022 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска учествуваше на панел-дискусија по повод 26 Септември – Европскиот ден на јазиците, во организација на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. На панелот учествуваа и евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорката на Швајцарската конфедерација Вероник Улман Марти и директорот на Агенцијата за примена на јазикот, Илбер Села. - Да се познаваат јазиците на другите нации и народи е доблест, затоа што овозможува доближување до нивната култура и полесно комуницирање и разбирање со повеќе луѓе, но и предност, затоа што во време на интернационализација и изразена мобилност на човечки капитал, јазичните вештини, покрај компјутерските, се најважните кои обезбедуваат полесен пристап до високоценети и платени работни места. Затоа, пораката која ја испраќаме денес, но и секој друг ден се промовира и шири преку образовните установи е луѓето, особено младите да посветат време на изучување јазици, рече Шаќири. Како што информира МОН, министерот истакна дека неспорно е важноста на светските јазици, но за нас како мултиетничка земја особено важно е изучувањето и на јазиците на различните етнички заедници. - Тоа носи лични придобивки, но носи и сплотеност, создава единство, хармонија и ја јакне државата. Ова е една од целите на кои сме посветени како Влада. Приближувањето на луѓето едни кон други започнува со надминување на јазичната бариера, односно со совладување на јазиците на кои тие говорат, рече Шаќири, посочувајќи дека токму поради тоа институциите инсистираат на создавање мултиетнички училишни средини, се воведуваат предмети за изучување на јазиците на другите заедници. Европскиот ден на јазиците - 26 Септември се одбележува на иницијатива на Советот на Европа. хс/сп/

Остани поврзан