• среда, 27 ноември 2024

Шаќири: Да ги прифатиме различностите како богатство, до целосно инклузивно образование со активни политики и континуирано зголемување на вложувањата

Шаќири: Да ги прифатиме различностите како богатство, до целосно инклузивно образование со активни политики и континуирано зголемување на вложувањата
Скопје, 10 март 2022 (МИА) - Oбразованието кое го вклучува секое дете е прво скалило кон остварување на потенцијалот што го има секое дете со атипичен развој. Затоа сме посветени на дизајнирање на национален образовен систем кој води грижа за раличните карактеристики и потреби на децата, за да може тие да се интегрираат во училишната средина согласно своите можности и да израснат во граѓани кои реализирајќи се себе си придонесуваат за целата заедница, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на тркалезната маса „Пристапно образование за младите со попреченост“, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Од Министеството за образование и наука информираат дека во учебната 2021/22 година, во основните училишта, во редовно образование, се вклучени вкупно 911 ученици со посебни образовни потреби додека во средните училишта своето право на образование го остваруваат 312 ученици со посебни образовни потреби. Министерот Шаќири нагласи дека зад овие бројки стои цел сет на активности и на Владата и на Министерството за образование и наука за подигнување на нивото на инклузивност на националниот образовен систем. - Почнавме нов период во образованието на децата со попреченост, кој опфаќа активни образовни политики поткрепени со обезбедување финансиски средства. Во изминативе неколку години, Министерството за образование и наука континуирано ги зголемува буџетските ставки за оваа намена. Лани беа издвоени 59 милиони денари само за вработување на 500 образовни асистенти, кои ги избравме на јавен повик. Со буџетот на МОН за 2022 година обезбедени се 218 милини денари за финансирање на образовната асистенција, информираше министерот. МОН обезбедила интензивна обука за оспособување на образовните асистенти за да можат заедно со наставниците да постигнат поквалитетна настава за децата со атипичен развој, но и за децата со типичен развој, затоа што образовната асистенција за првпат значи интегрирање на учениците и следење заедничка програма и очекување од сите ученици да постигнат исти резултати. Претходно, асистентите беа фокусирани само на едно дете со атипичен развој, а цел на инклузивното образование е да нема сегрегација во училницата. Укажувајќи дека инклузивно општество не се гради само со закони, туку со нивно практикување во образовниот систем, Шаќири потсети дека почнувајќи од оваа учебна година, материјалите за учење за прво и за четврто одделение се достапни во електронска и аудио верзија, и за прв пат и на Брајово писмо за сите ученици со оштетен вид. Следните неколку години, посочил тој, етапно, инклузивни учебници ќе има и за останатите одделенија од деветолетката. - Согласно новиот Закон за основно образование и Концепцијата за инклузивно образование, се промени улогата на посебните училишта кои продолжуваат да работат како Основни училишта со ресурсен центар, задолжени да обезбедуваат стручна помош и поддршка на општинските основни училишта и на учениците со попреченост вклучени во редовниот образовен систем. Преку Програмата на општествено-корисна работа на УНДП, од септември и во средните училишта, по примерот на основните, треба да почне со имплементација образовната асистенција. Досега се ангажирани 79 асистенти, а започнати се обуки во трите регионални центри за стручно образование во Охрид, Тетово и Куманово за инклузивно образование. Во делот на капиталните инвестиции, како основен услов за финансиска поддршка е објектите да бидат лесно пристапни за лица со попреченост соопштија од МОН. Шаќири посочи дека Министерството за образование и наука продолжува да работи на намалување на јазот меѓу регулативата и праксата во инклузивното образование, со цел што поскоро да се променат врежаните стереотипи за страв од различностите и веќе никогаш да не соочуваме со случаи како тој со малата Ембла. фф/сп/

Остани поврзан