• четврток, 19 декември 2024

Шаќири-Гарсија: Создаваме квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем

Шаќири-Гарсија: Создаваме квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем
Скопје, 7 април 2022 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска одржа работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во државава Хосе Луис Лосано Гарсија. Министерот Шаќири, како што соопшти Министерството за образование и наука, ги нагласи пријателските односи меѓу двете земји и сподели информации за реформските процеси кои се реализираат во ресорното министерство. -Република Северна Македонија цврсто опстојува на европскиот пат и нашите заложби во образованието се создавање на квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем, согласно најдобрите европски искуства. Затоа ни е многу важна конструктивната поддршка и размената на знаења, посочи министерот Шаќири. Министерот Шаќири рече дека со промените во деветтолетката учениците се насочуваат кон настава што кај нив развива аналитичко и критичко мислење, ја поттикнува креативноста и ги обучува за препознавање вистинити и невистинити информации. Посочи дека основни вредности кон кои упатуваат новите наставни програми се почитувањето на различностите, толеранцијата и мултикултурализмот. За промените во средното стручно образование, тие, како што се наведува, целат кон потесна врска меѓу училиштата и компаниите, како услов за задоволувување на потребите на пазарот на труд од една страна и можностите за брзо вработување на младите, од друга страна. Амбасадорот Гарсија кажа дека Шпанија останува сигурен партнер на Република Северна Македонија и ја искажа подготвеноста за континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Двајцата соговорници се согласија дека од заемен интерес е натамошното поттикнување на средби меѓу претставници на двете земји како добра насока за размена на позитивни практики. мд/лв/

Остани поврзан