• петок, 27 декември 2024

Шаља-Плавјанска за МИА: За да го подобриме квалитетот на живот, мора да инвестираме во човечки капитал и инклузивни општества

Шаља-Плавјанска за МИА: За да го подобриме квалитетот на живот, мора да инвестираме во човечки капитал и инклузивни општества
Скопје, 20 ноември 2022 (МИА) – Напредокот во здравствената заштита и грижа, зголемената покриеност и подобрениот квалитет на услугите, следствено зголемениот просечен животен век и намалувањето на глобалната сиромаштија овозможи светското население да достигне осум милијарди. Сепак напредокот, не ги засегна сите подеднакво -  постојат огромни разлики во пристапот до правата и квалитетните услуги, можностите за раст и развој и квалитетот на живот. Ова го порачува во интервју за МИА шефицата на канцеларијата на Фондот за население на ОН (УНФПА) во Скопје, Афродита Шаља – Плавјанска, по повод одбележувањето на свет со осум милијади жители. Ако за зголемување од седум на осум милијарди беа потребни околу 12 години, следната милијарда се очекува светското население да ја достигне до 2037 година или за околу 15 години. За да го подобриме квалитетот на живот на населението од осум милијарди, мора да инвестираме во човечки и физички капитал и да изградиме инклузивни општества. Изградбата на поинклузивни општества ќе им обезбеди можност на оние кои сакаат да учествуваат во економскиот систем, вклучувајќи ги најмаргинализираните лица, да го сторат тоа, вели шефицата на канцеларијата на УНФПА во Скопје. Соочени со демографска „криза“, државите во Европа, вклучувајќи ја и нашата, мора да се подготват да ги ублажат потенцијалните негативни ефекти, да ги искористат постоечките можности и да создадат нови. Можностите се во остварување на економскиот раст што произлегува од искористување на потенцијалот на луѓе на работоспособна возраст, преку намалување на бројот на издржувани лица. Клучно е да се влијае на отстранување на причините кои влијаат на чувството на несигурност за иднината. Тоа значи да се обезбеди почитување на правата на луѓето и на правото на избор, но и решенија поврзани со подобрување на условите во образованието, здравството, пазарот на труд, доброто владеење и политичкото учество, зајакнувањето на системите за социјална заштита. Решенијата, според Шаља – Плавјанска, не можат да бидат изолирани, туку усогласени. Доколку би постоело „магично стапче“ за решавање на проблемите во центарот би биле младите, нивното здравје и образованието. Тие би биле и ко-креатори на решенијата бидејќи, како што вели шефицата на канцеларијата на УНФПА, се многу умни, практични, брзи, отворени, ја разбираат инклузијата и човековите права и се во чекор со трендовите. Тоа треба кај нив да го поттикнеме, искористиме и со тоа да им овозможиме реализирање на нивниот потенцијал. За демографските предизвици, трендот на намалување на населението во земјава, за тоа што властите прават добро, а каде грешат во справувањето со демографските промени, прочитајте повеќе во целосното интервју со Шаља – Плавјанска. На 15-ти ноември годинава светското население надмина осум милијарди луѓе. Осмицата потсетува на знакот infinity. Има ли тука симболика?   - Да, светското население достигна осум милијарди и секојдневно таа бројка расте. Оваа бројка асоцира на една глобална приказна во која се бележат успеси - напредок во здравствената заштита и грижа, зголемена покриеност и подобрен квалитетот на услугите, следствено зголемен просечен животен век и намалување на глобалната сиромаштија. Но, истата бројка и промената на демографските трендови претставуваат пресвртница, но и момент за размислување, како да се насочиме кон градење на свет во кој државите успешно ќе ги антиципираат демографските промени и ќе градат политики кои ќе обезбедат одржлив развој и квалитетен животен стандард во услови на растечки демографски диверзитет. Зошто? Затоа што во реалност напредокот што овозможи светското население да достигне осум милијарди, не ги засегна сите подеднакво -  постојат огромни разлики во пристапот до права и квалитетни услуги, можности за раст и развој и квалитет на живот. Овие прашања стануваат уште порелевантни од аспект на климатските промени и нивните последици, кои непропорционално ги погодуваат најранливите групи, вклучително жените и девојките. Напредокот на општествата во услови на демографски промени не е можен без заштита на репродуктивното здравје и правата на жените и девојките и нивната можност да го реализираат својот потенцијал како полноправни членови на општествата. Во овој контекст, одбележувањето на оваа пресвртница има за цел да испрати порака до државите посветено да работат кон негување на свет каде се надминува јазот во квалитетот на живот на светското население. Градењето на демографска отпорност, како концепт кој подразбира насочено делување на надминување на последиците од демографските промени, е клучен за одржливиот развој. Да, бројката осум, во форма на infinity (бесконечност) значи повик за градење на свет со неограничени можности, која би рекла е и главната симболика. Осум милијарди луѓе. Тоа од прва веднаш асоцира на големите градови, гужви и преполни улици ... Земјата од 29 јули годинава живее на „еколошки кредит“, односно ги има потрошено сите ресурси за годинава. Кои се главните предизвици за планетата Земја, а кои за луѓето да имаат добар квалитет на живот?  - Околу 12 години беа потребни за светското население да се зголеми од седум на осум милијарди. За следната милијарда се очекува тој период да биде околу 15 години (2037). Според актуелните демографски трендови, иако глобалното население продолжува да се зголемува и достигна осум милијарди жители, тој интензитет на раст е намален поради намалениот фертилитет во изминатиот половина век. Речиси две третини од светското население денес живее во држави каде стапката на фертилитет е под нивото на основна репродукција на населението, односно живеат во држави каде се очекува бројот на населението да бележи пад. Иако фертилитетот е различен во различни региони и земји, сепак генерално секаде трендот опаѓа,  што значи имаме помалку деца. Од друга страна, животниот век на глобално ниво се зголемува, поради успесите што ги кажав претходно, но сепак,  постојат големи разлики помеѓу земјите во зависност од нивниот степен на развој. Зголемувањето на животниот век, заедно со падот на фертилитетот, влијаат на забрзаното стареење на населението. За овој тренд  придонесуваат и меѓународните миграции, кои значително влијаат на структурата на населението. Генерално, населението старее! Оваа состојба на  општествата им создава нови предизвици за обезбедување на квалитетни услуги на променетата структура на населението. Демографските трендови исто така покажуваат дека жените живеат подолго од мажите и дека на светско ниво се раѓаат повеќе момчиња отколку девојчиња. Пандемијата на Ковид-19 имаше големо влијание врз смртноста на светско ниво, чии импликации допрва ќе ги почувствуваме. Дополнително, уште еден демографски тренд е и поместувањето на центрите на раст односно различни регионални стапки на раст, што ја менуваат географската дистрибуција на глобалното население. Светот денес, повеќе од кога било, е демографски различен (demographic diversity). Зборувавте за раст на светското население и дека живееме во регион што старее и се соочува со губење на популацијата. Кои се предизвиците кои ги носи тоа? Што може да се направи, што веќе правиме и за што е можеби веќе доцна? Односно, каде грешиме како држава?  - Во сè поголем број земји, намалувањето на населението не е привремен феномен и не се случува одеднаш. Тоа е реалност и има свој развој. И во иднина ќе расте бројот на земји кои активно ќе се соочуваат со намалување на бројот на население. На пример, денес има 17 држави кои имаат помалку  население отколку во 1990 година, а сите овие држави, освен една (Јапонија), се наоѓаат во Источна Европа. Минатите пресвртници на растот на населението, односно одбележувањето на седум милијарди жители на Земјата, беа дочекани во паника дека бројот на луѓе во светот ќе ги исцрпи нашите природни ресурси, ќе предизвика хуманитарни кризи и ќе ги засили климатските промени. Овие стравови во одредени држави доведоа до принудни демографски политики, кои за цел имаа директно да влијаат врз растот на наталитетот. Не само што овие политики се неефикасни, туку тие ги поткопуваат човековите права (вклучувајќи ги и сексуално и репродуктивно здравје и права), го зголемуваат јазот на родовата еднаквост, дури можат да бидат опасни за жените и девојките низ светот. Наместо тоа, неопходно е на секој човек да му се обезбеди квалитет на живот што ќе му овозможи да напредува во овој модерен свет. За да го подобриме квалитетот на живот на нашето население од осум милијарди, во сета наша различност, мора да инвестираме во човечки и физички капитал и да изградиме инклузивни општества. Многу држави кои имаат големо и растечко население се меѓу најнеразвиените. Истовремено, кај овие држави инвестирањето во човечки и физички капитал – здравство, образование, инфраструктура, технологија, итн. – може да им помогне ја зголемат продуктивноста, а со тоа да го поддржат нивното растечко население со соодветен животен стандард. Намалувањето на населението наметнува грижа околу намалувањето на работната сила. И тука не треба да не водат само бројките туку структурата на населението и човечкиот капитал на едно општество. Имено, земјите имаат големи неискористени сегменти од населението кои би можеле да бидат доходовно вработени, вклучувајќи ги тука жените и младите луѓе, старите лица и лицата со попреченост, како и имигрантите. Изградбата на поинклузивни општества ќе им обезбеди можност на оние кои сакаат да учествуваат во економскиот систем, вклучувајќи ги најмаргинализираните лица, да го сторат тоа. Значи, доцна не е, а никако не треба да се гледа промената на демографските трендови како предизвик, туку како можност и потенцијал. Фондот за население на ОН - УНФПА преку својата Програма за демографска отпорност ги поддржува владите во светот да развијат сеопфатни политики за справување со демографските промени. Проблемот со намалување на населението конкретно за нашата земја не е нов. Што властите прават добро, а каде грешат во справувањето со демографските промени? Што може и треба подобро?  - Соочени со демографска „криза“, државите во Европа, вклучувајќи ја и нашата, мора да се подготват да ги ублажат потенцијалните негативни ефекти, да ги искористат постоечките можности и да создадат нови. Конретно, нашата држава  работи на адресирање на овие состојби и на градење соодветни политики кои ќе ги претворат предизвиците во можности. УНФПА преку програмите за демографска отпорност, заедно со засегнатите држави, работи партнерски на изнаоѓање начини тие да напредуваат во овој свет на брзи демографски промени. Концептот на демографска отпорност е проактивен, со тоа што го нагласува значењето на предвидувањето и планирањето на демографските промени. Со други зборови, луѓето, нивните потреби и потенцијали, се ставаат во центарот. Овој концепт е и трансформативен, односно ја нагласува потребата од преиспитување на традиционалните норми, особено поврзани со улогите на жените и мажите, како и различните генерации, во семејствата и во општествата, кои ги спречуваат општествата да ги претворат демографските предизвици во можности. Демографската отпорност во услови на демографски промени е клучна за градење одржливи општества. Способноста да се разберат и предвидат демографските текови ги зајакнува владите да им обезбедат вештини, алатки и можности да преземат мерки кои  се потребни да се обезбеди напредокот на нивните граѓани. Ова е белег на „демографска отпорност“. Растот на населението е резултат  на достигнувањата во здравството, образованието и човековите права, кои придонесоа до пониските стапки на смртност и зголемената стапка на фертилитет. Кај државите каде има раст на населението, можноста лежи во инвестирање во образование и здравство. Додека таму каде има опаѓањето на нивото на фертилитет,  можности се во остварување на економски раст што произлегува од искористување на потенцијалот на луѓе на работоспособна возраст, преку намалување на бројот на издржувани лица. Клучно е да се влијае на отстранување на причините кои влијаат на чувството на несигурност за иднината. Тоа значи да се обезбеди почитување на правата на луѓето и на правото на избор, но и решенија поврзани со подобрување на условите во образованието, здравството, пазарот на труд, доброто владеење и политичкото учество, зајакнувањето на системите за социјална заштита. Фертилитетот во земјава е постојан пад, во само неколку генерации од 1960 до 2020 е намален од 3,8 на 1,6. Каква улога игра ова во намалувањето на бројот на населението? Дали и колку е тоа причинител за намалување на бројот на населението, кои се другите клучни фактори и во која насока треба да се бара решението?  - Резултатите од пописот што се спроведе минатата година покажаа дека државата изгубила речиси 10% од резидентното население. Тенденцијата за намалување на стапката на фертилитет, како што веќе напоменав, не е карактеристика само за нашата држава и е показател дека не се издвојуваме од демографските тенденции присутни во поголемиот дел од светот. Драматичното намалување на бројот на населението не може да се препише само на опаѓачкиот фертилитет, туку најмногу се должи на силните емиграциски трендови со кои е зафатено нашето општество. Дополнително, нашата држава е во групата држави со најголемо иселување на висококвалификуван кадар, што значи одлив на човечки капитал, кој нашето општество перманентно го губи. Потребно е темелно истражување на причините и мотивите за масовното иселување - движењето на населението не е ниту нов, ниту непознат феномен, но доколку граѓаните се иселуваат заради пристап до права и квалитет на услуги - тоа се полиња кои е потребно во континуитет да ги зајакнуваме. Нашата држава е специфична по тоа што иако имаме висок процент на учество на жени на сите нивоа на образование, тие се значително помалку активни на пазарот на труд, што значи дека нивниот потенцијал за самореализација и придонес во општеството останува недоволно искористен. Покрај културните, за ова прашање важни се и структурните фактори, како пристап до соодветни услуги за грижа на деца и стари лица, како и еднаква поделба на обврските на партнерите до домот. Дополнително, кога зборуваме за тековите на населението, не зборуваме само за пописни податоци или анкети – зборуваме за правото на жената да прави избор за своето тело и нејзината иднина. Репродуктивните права и здравјето на жените мора да бидат заштитени без оглед на демографските текови. За да се подобри квалитетот на животот на следните милијарди луѓе, мора да се стремиме за свет во кој  планирањето на семејството ќе биде според сопствен избор, со што секое  раѓање ќе биде планирано, секое породување  безбедно и потенцијалот на секој млад човек исполнет. До следната милијарда процените се дека ќе бидат потребни околу 15 години. Тоа е за помалку од една генерација. Доколку би имале магично стапче и можете еден проблем целосно да го решите, што би било тоа?       Досега зборував колку состојбата во демографската отпорност е комплексна, затоа и решенијата не можат да бидат изолирани, туку усогласени. Магичното стапче би го искористила во насока на задоволување на потребите согласно демографските трендови во нашата држава. Пред се почитување на човековите права и зајакнување на родовата еднаквост. За тоа зборував веќе. Во центарот би биле младите, нивното здравје и образованието. Тие би биле и ко-креатори на решенијата бидејќи се многу умни, практични, брзи, отворени, ја разбираат инклузијата и човековите права и се во чекор со трендовите. Тоа треба кај нив да го поттикнеме, искористиме и со тоа да им овозможиме реалзирање на нивниот потенцијал. Александар Атанасов

Остани поврзан