• четврток, 26 декември 2024

Шахпаска - Сахакјан: Вложениот труд и одличната соработка беа предуслов за успех на заедничките проекти

Шахпаска - Сахакјан: Вложениот труд и одличната соработка беа предуслов за успех на заедничките проекти
Скопје, 17 септември 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната средба со постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан разговараше за нивната досегашната соработка, при што потенцираше дека поддршката што МТСП со години наназад ја добива од УНДП е многу значајна, особено во време на пандемијата од Ковид 19. -Реализиравме многу проекти за обуки и тренинзи на лицата со попреченост за полесен пристап на пазарот на трудот. Вложувавме во социјалната инклузија, помош и поддршка на стари лица, лица со попреченост, и искрено верувам дека оваа соработка ќе продолжи и со новиот претставник на УНДП и истата само ќе се зајакнува, рече Шахпаска на средбата. Како што информираат од МТСП, двете соговорнички изразиле задоволство и потенцираа дека дигиталната апликација – Аудио читач „Кико“ е една  од најзначајните реализирани услуги, бидејќи за првпат во нашата држава лицата со оштетен вид добија читач на свој мајчин јазик. -Апликацијата „Кико“ на лицата со попреченост им помага во секојдневниот живот, но и во извршување на работните обврски. Во октомври и лицата со оштетен вид чиј мајчин јазик е албанскиот ќе имаат можност целосно бесплатно да го користат аудио читачот „Хана“. Големо задоволство ми беше што соработката не изостана и во многу други области од сферата на социјалните реформи за кои се залага Владата, рече Шахпаска. На средбата Сахакјан изразила задоволство што соработката се одвивала беспрекорно и нагласила дека УНДП ќе продолжи да ги поддржува сите проекти на МТСП кои ќе бидат предложени за подобрување на социјалните права во државата. -Вложениот труд и одличната соработка беа предуслов за успех на заедничките проекти. УНДП ќе продолжи да биде близок развоен партнер на Северна Македонија, рече Сахакјан. На средбата претставничката на УНДП Сахакјан, на министерката Шахпаска и се заблагодарила за успешанта соработка со Министерството за труд и социјална политика. Тригодишниот мандат на Сахакјан истекува во октомври.бт/лв/

Остани поврзан