• сабота, 16 ноември 2024

Шахпаска: Ниту во моловите нема да работат сите работници, вработените ќе добиваат 100 отсто поголема дневница

Шахпаска: Ниту во моловите нема да работат сите работници, вработените ќе добиваат 100 отсто поголема дневница
Скопје, 2 април 2021 (МИА) - Подготовката на законското решение за недела-неработен ден е предмет на долга дебата со сите чинители засегнати од овој закон, истакна вечерва министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Во Законот за работни односи, посочи таа, таксативно се наведени кои ќе бидат исклучоците од ова решение, тоа се 40 исклучоци и околу 30 проценти од сите регистрирани дејности. - Ниту во моловите нема да работат сите работници, тоа го регулира Министерството за економија со Законот за трговија. Во моловите ќе работат само една смена од 10 до 18 часот, а два отсто од целиот промет кој ќе го направат во недела во текот на целата година ќе бидат наменет за изградба на нови градинки. Вработените што ќе работат во недела ќе добиваат 100 процентен надомест дополнителен на основната дневница, рече Шахпаска во гостувањето во „Топ Тема“ на ТВ Телма. Нагласи дека контролата на почитувањето на ова законско решение ќе го врши Државниот инспекторат за труд, УЈП и пазарниот инспекторат, а секој кој ќе работи во недела треба да го пријави работењето во надлежните институции. Таа се осврна и на реализацијата на капиталните инвестиции. - Министерството за труд и социјална политика има реализација од 24 отсто од капиталните инвестиции, и тоа само во првиот квартал, тоа е многу повеќе од процентот кој беше предвиден како минимум, односно 15 отсто, рече Шахпаска. Таа потенцираше дека фактот што за седум месеци се отворени нови 11 градинки и обезбеден простор за 670 деца и нови 14 градинки кои се градат, а ќе бидат готови до крајот на годината е потврда за сериозна и посветена работа. рп/дма/      

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан