• среда, 27 ноември 2024

Шахпаска: Зачувување на работните места, помош за ранливите категории и функцонирање на компаниите - клучно за премостување на ковидкризата

Шахпаска: Зачувување на работните места, помош за ранливите категории и функцонирање на компаниите - клучно за премостување на ковидкризата
Скопје, 25 ноември 2020 (МИА) - Раст на гарантираната минимална помош за 300 проценти, раст на минималната и просечната плата, стабилизација на пензискиот систем, воведување на социјалната реформа која значи и социјални  услуги и воведување на социјална сигурност односно социјална пензија за граѓаните кои немаат доволен број на години стаж е она што го работеше оваа Влада и претходниот мандат и продолжува и во тековниот, истакна вечерва министерката Јагода Шахпаска. Во гостувањето во емисијата „Што мисли народот“ на ТВ Стар од Штип таа посочи дека наместо еднократното покачување на пензиите на крајот на година во време на ВМРО-ДПМНЕ кои го укинаа законското усогласување, сега пензионерите добиваат усогласување на пензиите два пати во годината и дополнително со раст на БДП над четири проценти. - Пензијата од половината на 2017 година, со промените и усогласувањата порасна од 13.400 денари на 15.700 денари, согласно трошоците на живот и раст на БДП, појасни министерката  во одговор на прашање на граѓанин. На прашањето за финансиската помош на најранливите категории на граѓаните од 6000 денари како дел од четвртиот пакет економски мерки, министерката посочи дека тука како дел финансиска поддршка влегуваат 182. 000 пензионери кои имаат пензии пониски од 15.000 денари, 84.000 пасивни баратели, 7.590 приматели на социјална пензија, самохраните родители, студенти кои не влегоа во претходниот пакет мерки, естрадни и културни уметници. Но, овој пат наместо на картички, средствата ќе бидат директно префрлени на нивните сметки, како што додаде, се со цел, да се поддржи домашната економија и граѓаните. - Во време на пандемија, сите заложби се насочени кон премостување на кризата преку зачувување на работните места, да се помогне на најранливите граѓани, да се одржи функционирањето на компаниите. Преку олеснети критериуми за влез во системот за гарантирана минимална помош, детски и образовен додаток, граѓаните полесно остваруваат право на помош, истакна министерката Шахпаска. Во однос на прашањето за новостите од Законот за работни односи, министерката потенцираше дека се работи за системски закон, законско решение на кое се работи, кое ги опфаќа сите прашања од сферата на трудот, должината на работното време, флексибилното работно време, работа од далечина, сезонска работа, бенефиции, породилно боледување. На ова законско решение работат работните групи каде се вклучени претставници на синдикатот, на работодавачите и владата. - Во врска со боледувањата, каде што првично исплатата за јавниот сектор беше 100 проценти, за заболените од Ковид-19 и оние во изолација, имавме жестока реакција, затоа изработивме информација во која се повикуваме на Законот и колективни договори. Со тоа ги изедначивме сите работници, без разлика дали се јавен или приватен сектор, рече Шахпаска. Работодавачите имаат обврска согласно Колективен договор да исплатат К-15, но сепак тоа зависи од финансиската состојба на компанијата односно нејзиниот бонитет. - Човечкиот капитал, човечкото здравје е приоритет број еден. Ако состојбата со пандемијата се влоши, нема по секоја цена да ги држиме градинките отворени. Будно ја следиме состојбата и се покажа дека почитувањето на протоколите и мерките за заштита од корона вирусот е единствениот начин да се заштитиме, истакна Шахпаска. ев/ир/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан