• петок, 20 декември 2024

Шахпаска дел од министерскиот состанок за новата Програма за економски реформи 2022-2024

Шахпаска дел од министерскиот состанок за новата Програма за економски реформи 2022-2024
Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на министерскиот состанок организиран од Министерството за финансии. На состанокот се дискутираше за предложените реформски мерки во новата Програма за економски реформи (ПЕР) 2022-2024 година. Програмата на економски реформи важи за најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ.  Програмата содржи среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика, и детален приказ на структурни реформи што треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на економијата и креирање на работни места. Министерството за труд и социјална политика на состанокот предложи четири мерки за Програмата за економски реформи 2022-2024 во три области. Мерката во областа „Деловно опкружување и намалување на неформалната економија“ гласи: Унапредување на координацијата и напорите за справување со неформалната економија. -Идејата е да се рефлектира поширокиот опфат на оваа мерка во делот на нови реформски и други активности за подобро справување и намалување на неформалната економија. Тоа би се  овозможило  преку дополнителни активности како  воведување на систем на идентификациони картички за вработени во секторите каде е присутна појавата на непријавена работа, дизајнирање на предлог-модели за намалување на непријавената работа кај сезонските работници, спроведување на информативна и едукативна кампања за непријавената работа и негативните ефекти за работниците и општеството, во целина, истакна Шахпаска. Во однос на областа „Вработување на пазар на трудот“, Министерството предложи нова мерка за „Зголемување на флексибилноста на пазарот на труд и проширување на опфатот со активни мерки за вработување“. -Мерката има за цел да придонесе кон подобрување на состојбите во делот на пазарот на труд и вработеноста во Северна Македонија, информира Министерството за труд и социјална политика. Оваа мерка се однесува на проектот за „Финансиска поддршка за развој на претприемништво кај припадници на ромската заедница со мечинг фонд“ кој е заеднички проект на Владата на Република Северна Македонија и Иницијативата за развој на ромско претприемништво – РЕДИ. Министерството предложи нова мерка и во областа на „Социјална заштита и инклузија“, што се однесува на зајакнување на системот за социјална инклузија на ранливи категории на лица. Мерката опфаќа две компоненти: Активација на лица од ранливи категории на пазарот на труд и Подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги. ки/дма/

Остани поврзан