• сабота, 23 ноември 2024

Шарл Мишел се повлече од трката за место во Европскиот парламент 

Шарл Мишел се повлече од трката за место во Европскиот парламент 

Брисел, 26 јануари 2024 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вечерва соопшти дека решил да ја повлече својата кандидатура за пратеник во Европскиот парламент на изборите во јуни и дека планира да го заврши целиот свој актуелен мандат, кој истекува во ноември. 

- Нема да бидам кандидат на европските избори, објави Мишел на неговата Фејсбук страница. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој наведе дека не сака неговата кандидатура за европратеник да го оттргне од неговата мисија, да ги поткопа Советот на ЕУ и европскиот проект или да биде злоупотребена на каков било начин за да се предизвикаат поделби во институцијата со која раководи. 

- Верувам дека мора неуморно да работиме на европското единство. Личните напади се повеќе се истакнуваат пред фактичките аргументи - верувам дека ова го искривува објективниот демократски дискурс. На лично ниво, тоа ме тера да размислувам за значењето и влијанието на мојата изборна посветеност на која потрошив 30 години од мојот живот, не само за мене, туку и за оние кои ми се блиски, додаде Мишел.  

Тој посочува дека одлуката да се кандидира за европратеник, скратувањето на неговиот мандат и „продолжувањето на мандатот на неговиот наследник за неколку месеци“ довело до „екстремни реакции - не во рамките на Европскиот совет, туку надвор од него“. 

- Сите мои напори, со цврста решеност, ќе ги посветам на моите сегашни должности, наведе Мишел, додавајќи дека на „крајот од мандатот ќе одвои време да размисли за природата и насоката на идната посветеност“. 

Одлуката на Мишел да се повлече од трката за европратеник доаѓа на шест дена пред вонредниот Самит на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, на кој треба да се разговара за механизмот за финансиска поддршка за Украина. 

Мишел на почеток на месецов соопшти дека ќе биде носител на листата на белгиското либерално Реформско движење (МР) на изборите за членови на Европарламентот од Белгија. Доколку беше избран за европратеник, Мишел по изборите ќе мораше да се повлече од местото претседател на Советот на ЕУ, што отвораше можност за две опции – неговиот наследник на оваа функција да биде избран уште во јуни или пак со Советот до ноември да раководи унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија земја ќе претседава со Унијата во втората половина од годинава. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан