• среда, 25 декември 2024

Шарл Мишел: Војната на Русија против Украина започна во 2014 со нападот врз Крим кој е дел од таа земја

Шарл Мишел: Војната на Русија против Украина започна во 2014 со нападот врз Крим кој е дел од таа земја

Киев, 11 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска во Киев, на четвртиот самит на Меѓународната Кримска платформа, изјави дека „Крим е Украина“ и дека војната на Русија против таа земја не започна со инвазијата во февруари 2022 година, туку во февруари 2014 година со „нападот на Русија врз Крим“, соопшти Европскиот совет.

Во своето видео обраќање до присутните, Мишел изјави дека „Европската Унија поддржува праведен мир“ со Повелбата на Обединетите нации како „стожер на меѓународното право“, поддржувајќи ја мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски и нагласи дека ќе продолжи да помага во прибирање на поддршка за тој мировен план.

Мишел им порача на Украинците дека Европската Унија „е нивниот дом“ и го повтори претходното ветување на официјалните претставници на Унијата дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина „се додека е потребно“, и воено, финансиски и политички.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, исто така се обрати преку видео порака, потврдувајќи ја цврстата поддршка на Турција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, со нагласување на трајната поддршка за правата на Кримските Татари, пренесува Радио Слободна Европа.

Хрватската влада претходно денеска соопшти дека премиерот на таа земја, Андреј Пленковиќ, во Киев  претстави нов пакет хрватска помош за Украина, јавува агенцијата Хина.

Пленковиќ пристигна во Киев во придружба на министерот за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, министерот за правда и администрација, Дамир Хабија и министерот за наука и образование, Радован Фјукс.

Владата соопшти дека Хрватска силно ја поддржува Кримската платформа и има многу активна улога во неа, бидејќи била домаќин на Првиот парламентарен самит во октомври 2022 година.

Кримската платформа е украинска иницијатива за обединување на меѓународните напори за враќање на Крим во состав на Украина. ссм/

фото: архива

Остани поврзан