• четврток, 26 декември 2024

Шанса за центар: Кај „Треска“ се случува „помирување“ со нелегалните урбанистички планови

Шанса за центар: Кај „Треска“ се случува „помирување“ со нелегалните урбанистички планови
25 август 2022  Да имавме вчера прес-конференција на градоначалникот на Општина Центар на која ќе објавеше започнување на реализација на квалитетно решение за „Треска“, добиено со Урбанистичко-архитектонскиот конкурс ќе бевме задоволни како напредуваат работите. Иако овој локалитет нуди извонредни услови за нови содржините кои ќе му донесат специфичен квалитет на неговите идни корисници, но и на општината Центар, денеска шансите потенцијалот ќе биде искористен се сѐ помали. Впечатокот од вчерашната прес-конференција е дека наместо квалитетно планирање на просторот добиваме помирување и нормализирање на урбицидот. Помирување со планирањето на градот од страна на инвеститорите, а не на урбанистичките стручњаци. Помирување со спроведување на урбанистички планови кои се незаконски. Помирување со наследството од „лошите планови на ВМРО-ДПМНЕ“ против кои се протестираше. Нормализација на принципот дека јавниот интерес во планирањето на градот е работа на некој друг, а не на институциите. Нормализација на ставот дека местото на зеленилото е на планините, но не и во градовите. Помирување дека треба да живееме во натрупан град без доволно простор за движење и минимум квалитет на живот. Нормализација и предавство на правната држава, со принципот „важно се гради“. Идејата за изработка на Урбанистичко-архитектонски конкурс беше да го вратиме вистинското значење и вредноста на струката планирање и проектирање, онака како што е секаде во светот, а било пракса и кај нас. Конкурсот отвори можност за урбанистичкото планирање со покреативни, компетитивни решенија и размислување преку проекти, а не сурово шпекулантско - инвеститорско планирање и градење. За конкурсот се издвоија средства од општинскиот буџет, се направија стручни комисии за избор и се наградија трудови. Но, сегашната општинска власт со сите сили сака да ги оспори, па дури и да ги скрие од јавноста овие наградени конкурсни решенија кои требаше да бидат основа за нов ДУП за Треска. Измина речиси една година како актуелниот градоначалник одбива да организира јавна презентација на проектите добиени од конкурсот кои тој ги оквалификува како „неспроведливи“, иако зад нив стои стручна комисија. За жал, повторно шпрекулантско – инвесторскиот урбанизам победува, а Скопје ја губи можноста за нови и современи решенија во просторот, за зачувување на зеленилото кое веќе постои и простор наменет за граѓаните, а не само профит за инвесторите. Додека се развлекуваат постапките за изработка на нов план, наместо да се разработи најдоброто оценето решение од конкурсот, инвеститорите испраќаат барања за откуп на делови од државното земјиште во „Треска“ за дооформување на парцелите според урбанистички план кој е нелегален. Потоа врз основа на сопственоста врз земјиштето тие ќе бараат да им се овозможи градење во обем кој ќе биде најмалку еднаков како оној од урбанистичкиот план со предвидените згради „наполитанки“. Тоа впрочем им го овозможува и последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање која нетранспарентно во мај годинава ја донесе министерот за транспорт и врски. Правилник кој им донесе мирен сон на инвеститорите. Системското уништување само продолжува со ваквите одлуки и изјави на сегашниот градоначалник кој вели дека моменталниот план е важечки, занемарувајќи ги сите претодни активности и конкурсот за ново планирање на ф-ката Треска. Јавноста, пак, сѐ уште не доби информации за причините за пожарот, а Обвинителството и системот затаија. Европските вредности за владеење на правото се сѐ подалеку во локалните случувања. Демократските принципи за вклученост на граѓаните во креирање на решенија за квалитетна градска средина речиси не постојат, а со тоа и довербата во системот. Граѓанска иницијатива Шанса за Центар  ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан