• среда, 25 декември 2024

Шаманот од упадот во Капитол осуден на 41 месец затвор

Шаманот од упадот во Капитол осуден на 41 месец затвор
Вашингтон, 17 ноември 2021 (МИА) - Американски федерален суд денеска на 41 месец затвор осуди еден од демонстрантите кои упаднаа во Капитол, попознат како „QAnon Shaman“, за неговата улога во смртоносните настани при упадот во Капитол на 6 јануари годинава, пренесоа британските медиуми. Џејкоб Ченсли, поради своето исшарано лице со бои, крзното на себе и роговите на главата, стана еден од симболите на крвавиот упад на поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп во центарот на американската демократија, на денот на потврдувањето на изборната победа на демократот Џо Бајден. Обвинителите за Ченсли побараа подолга затворска казна, 51 месец затвор, откако тој во септември се изјасни за виновен за учеството во блокирање на работата на американскиот Конгрес. Казната од 41 месец затвор одговара на таа што истиот судија му ја изрече на тренерот на боречки вештини, кој беше снимен како удира полицаец за време на крвавите настани. Двојката досега ги доби двете најстроги казни од вкупно 675-те обвинети за упадот во Капитол. Судијата по пресудата кажа  дека верува дека 34-годишниот Ченсли, кој е во притвор од јануари, „се вратил на вистинскиот пат“. -Најтешкиот дел од ова е да се знае дека јас сум виновен, рече тој во изјавата пред пресудата. На Ченсли во затворот му е дијагностицирана шизофренија, заедно со биполарно растројство, депресија и анксиозност. сд/

Остани поврзан