• среда, 25 декември 2024

Шаленберг: Процесот на интеграција треба да се фокусира на усвојувањето на европското законодавство, а билатералните прашања да се третираат одделно

Шаленберг: Процесот на интеграција треба да се фокусира на усвојувањето на европското законодавство, а билатералните прашања да се третираат одделно

Атина, 5 јули 2024 (МИА) - Процесот на ЕУ интеграција треба да се фокусира на усвојувањето на европското законодавство, а билатералните прашања да се третираат одделно, вели министерот за надворешни работи на Австрија Александер Шаленберг, во интервјуто за грчкиот весник „Та неа“, а паралелно посочува дека конкретно за Северна Македонија, јасни предуслови се уставните измени и целосното почитување на меѓународните договори, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за ЕУ перспективата на регионот, шефот на австриската дипломатија истакнува дека пред повеќе од 20 години во Солун „им ветивме членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан“ и „време е да се стори ова“, а додава дека заедно со Грција, како дел од „Пријателите на Западен Балкан“, помагаат за оваа цел да се постигне што е можно поскоро.

- Но, треба да го преиспитаме процесот на проширување, да се оддалечиме од бинарното размислување „внатре или надвор“. Поддржувам постепена интеграција во политиките на ЕУ, како што е внатрешниот пазар на патот кон целосна интеграција, за граѓаните од регионот побрзо да ги искусат придобивките и да не ја губат нивната верба. Постојат јасни предуслови за Северна Македонија да го продолжи процесот, како што се уставните промени за малцинствата и јасно е дека меѓународните договори треба целосно да се почитуваат. Сепак, процесот на интеграција во ЕУ треба да се фокусира на усвојувањето на европското законодавство, а билатералните прашања треба да се третираат одделно. Ајде да се фокусираме на заедничка, просперитетна европска иднина наместо да остануваме заглавени во минатото, рече Шаленберг во интервјуто за денешното издание на грчкиот весник „Та неа“

Министерот за надворешни работи на Австрија во средата беше во посета на Атина, а по средбата со шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, како што објави МИА, посочи дека не треба да постојат дополнителни билатерални тешкотии во однос на ЕУ перспектива на Западен Балкан, додавајќи дека очекува Атина да го поддржи овој предлог. ср/ац/

Остани поврзан