• среда, 25 декември 2024

Шаленберг: Не треба да постојат дополнителни билатерални тешкотии во однос на ЕУ перспектива на Западен Балкан и очекувам Атина да го поддржи овој предлог

Шаленберг: Не треба да постојат дополнителни билатерални тешкотии во однос на ЕУ перспектива на Западен Балкан и очекувам Атина да го поддржи овој предлог

Атина, 3 јули 2024 (МИА) - Не треба да постојат дополнителни билатерални тешкотии во однос на Западен Балкан и очекувам Атина да го поддржи овој предлог, истакна министерот за надворешни работи на Австрија Александер Шаленберг, говорејќи за ЕУ перспективата на регионот, по средбата со шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, кој од своја страна меѓу другото, уште еднаш ги повтори позициите на Грција во однос на нашата земја, јави дописничката на МИА од Атина.

Европската перспектива на земјите од Западен Балкан беше една од темите на кои се осврнаа шефовите на двете дипломатии на прес-конференцијата по нивната денешна средба во Атина, а двајцата министри ја изразија поддршката за државите од регионот што поскоро да станат дел од ЕУ семејството.

Одговарајќи на новинарско прашање, Герапетритис се осврна конкретно на односите со Северна Македонија и Албанија.

- За жал во изминатиот период гледаме од страна на Северна Македонија, од политичкото и државното раководство јасни прекршувања во однос на Дооворот од Преспа особено во поглавјето што се однесува на името на земјата што, без апсолутно никаква отстапка и без никаква можност за менување, предвидува да биде Северна Македонија за сите, како во внатрешноста, така и надвор. И не постои никаква дискутабилност во однос на ова прашање. Една личност што има институционална улога не може во негов јавен настап да споменува друго име од она што е предвидено во договореното, рече Герапетритис.

Говорејќи општо за регионот, шефот на грчката дипломатија рече дека „заедничка желба на Грција и Австрија е во иднина да се исполнат неопходните критериуми за овие држави да се интегрираат во европското семејство“, бидејќи тоа ќе биде во интерес на стабилноста и просперитетот на Балканот, но и на самата Европа.

Шефот на австриската дипломатија истакна дека Западен Балкан „не е заден двор на Европа, туку е центар и внатрешен личен двор на сите“, посочувајќи дека е важно да се постави на агендата на новите институции на Европска унија. ср/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан