• среда, 18 декември 2024

Шаленберг: Земјите членки на ЕУ нема да ги повлечат своите мировници од Либан

Шаленберг: Земјите членки на ЕУ нема да ги повлечат своите мировници од Либан

 

Брисел, 16 октомври 2024 (МИА) - Земјите-членки на Европската унија кои имаат контингенти во привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) немаат намера да се повлечат од јужен Либан и покрај повиците од Израел, изјави денеска австрискиот министер за европски и меѓународни прашања Александар Шаленберг.

Позициите на УНИФИЛ се под оган откако почна израелската копнена операција во јужен Либан против борците на Хезболах, а два израелски тенкови ја урнаа главната капија на една од нивните бази, соопштија Обединетите нации. Петмина мировници се повредени.

Шеснаесет земји-членки на ЕУ, вклучително и Австрија, придонесуваат за УНИФИЛ. Неодамнешните инциденти во Либан вознемирија многу европски влади.

Во неделата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика ОН да го повлечат УНИФИЛ „од упоришта на Хезболах и од борбената зона“.

-Министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа за ова прашање во понеделникот и немаат намера да ги повлечат војниците на север или надвор од земјата, рече Шаленберг.

„Немаше дебата за повлекување на војниците“, изјави тој.

-Тие се таму за да останат, но безбедноста на нашите војници е најважна и мора да биде гарантирана од сите, рече Шаленберг, чија земја има околу 160 војници во УНИФИЛ.

Европските земји придонесуваат со околу 3.600 воен персонал во вкупниот персонал на УНИФИЛ од 10.000 лица.

Претставници на израелската влада изјавија дека „нивните сили не го нападнале намерно УНИФИЛ, туку дека Хезболах ги користел позициите на мировниците како покритие за нападите и Израел има право да одговори“.

Шаленберг рече дека Израел има право да се брани од Хезболах, но дури и ненамерните напади на мировните позиции се кршење на меѓународното право.

-Постои јасно барање Израел да биде многу внимателен во врска со ова, рече тој. мс/

фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан