• четврток, 26 декември 2024

Чулев: Мораше да се преземат поригорозни анти-корона мерки, луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење

Чулев: Мораше да се преземат поригорозни анти-корона мерки, луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење
Скопје, 12 април 2020 (МИА) - Мерки против коронавирусот се преземаа пред сè поради менталитетот на луѓето што живеат во нашата држава и коишто се многу друштвени. Имаме многу интензивни социјални контакти и луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење, така што и мерките на Владата се во таа насока, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој нагласува дека сите капацитети во Министерството за внатрешни работи се ставени во функција на справување со коронавирусот и оти тоа е приоритет во постапувањето, но полицијата во исто време е ангажирана и во регуларните активности, како одржување на јавен ред и мир и справување со сите облици криминал. На прашањето, зошто на дел од прес-конференциите на министерот за здравство Венко Филипче, како претставник на МВР до него не стои тој, туку заменичка Славјанка Петровска, Чулев вели дека тоа е така бидејќи Владата немала слух за неговите предлози и оти досега не го викнале на ниту една владина прес-конференција. - Сепак морам да кажам дека не секогаш наидувам и моите предлози до Владата, па и уредбите коишто ги предлагам не наидуваат на слух од страна на претседателот на Владата Оливер Спасовски и на другите министри, така што често ми се одбиваат предлози, а искрено не сум консултиран за одредени нивни предлози, уредби, за коишто тие вршат меѓусебни консултации, вели тој. Чулев додава дека тоа не се однесува во доменот на МВР, меѓутоа, како што истакнува, Владата во моментот има и законодавна улога, но и извршна улога, и сите одлука треба да бидат меѓусебно дискутирани и споделувани. - Не сум вклучен во тие дискусии, дури ни во одредени активности на Владата, јас пак ќе кажам во тие групи на социјални мрежи коишто ги имаат, а јас не сум вклучен, а досега ниту еднаш не сум викнат на прес-конференција којашто е организирана од страна на Владата. Некогаш некои работи се договараат и мимо мене со дополнителниот заменик, меѓутоа сепак тоа се работи кои не треба да ги пренагласуваме во ситуација кога заеднички треба да се справуваме со заканата од коронавирусот, изјави Чулев во интервјуто за РСЕ. нд/сп/

Остани поврзан