• петок, 27 декември 2024

Чулев: МВР доделила милионски бизнис на приватна фирма за набавка на храна иако има свои кујни

Чулев: МВР доделила милионски бизнис на приватна фирма за набавка на храна иако има свои кујни

Скопје,  21 јануари 2023 

Ковачевски сака да остане ден повеќе на власт за да може да ги трошат парите од буџетот на милионски тендери. Не постои институција преку која не се испумпуваат милиони, а добитници на тендерите се фирми кои и претходно се јавувале како добитници на тендери или грантисти на власта.

Денеска и во текот на следните денови пред вас ќе презентираме докази, како приватна компанија која добила грант за изградба на фабрика од владата на СДС, сега руши рекорди во добивање на милионски тендери во вредност од неколку милиони евра од истата таа влада.

Имено, за прв пат во историјата, полициските службеници сместени во објектот во Ѓорче Петров и Центарот за обука во Идризово ќе консумираат храна која ќе биде набавена од страна на приватна компанија, основана токму со финансиска поддршка од владата на СДС.

Почитувани, ова е договорот за вршење на угостителски услуги односно набавка на храна за потребите на полициските службеници и лицата кои се на обука во Центарот за обука на МВР во Идризово.

Договорот е склучен помеѓу МВР на Оливер Спасовски и фирмата Индустри сервис, а со кој му се дава право на Министерството за внатрешни работи да потроши до 440 милиони денари, односно  7 милиони и 150 илјади евра за исхрана. Се работи за бонбона бизнис со оглед дека само во Центарот за обука на дневна основа ќе се дистрибуираат нешто помалку од 1.000 оброци.

Дали можеби ваков договор е склучен со компанијата Индустри сервис, затоа што истата и претходно имала бизнис релации со власта. Имено, истата добила грант од 10 милиони денари од Владата на СДСМ за изградба на својата фабрика.

Сега истата таа фабрика, односно фирма добива договор од МВР, за носење на храна во само еден објект во Идризово од над 7 милиони евра, што е повеќе од првичната инвестиција.

Додека во објектите на МВР има кујни со новонабавена најсовремена опрема за приготвување и складирање на храна токму во периодот кога Оливер Спасовски бил министер, а која ги исполнува сите ХАСАП стандарди, сега истиот тој Спасовски фрла милиони евра на тендери за исхрана.

Се поставува прашањето зошто МВР набавило скапа нова опрема за приготвување на храна во износ од неколку стотици илјади евра, ако планирало услугите за исхрана да ги даде на приватна фирма. Дополнително, се отвора и дилемата што ќе се случи со кадарот вработен во Министерството за внатрешни работи, десетици кувари, готвачи и келнери кои до сега беа ангажирани да подготват храна за полициските припадници.

Проценките и анализите на лица со долгогодишно искуство во делот на јавни набавки е дека на овој начин цената по оброк за МВР ќе биде многу повисока од актуелната што пак говори дека недомаќинско работење и несоодветно трошење на средствата на полицијата која истовремено кубури со неопходната основна опрема за соодветно извршување на тековните работни задачи и обврски.

Наќе Чулев

Центар за комуникации со јавност на ВМРО-ДПМНЕ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан