• среда, 18 декември 2024

Иницијативата на ВМРО – ДПМНЕ за личните документи  до Уставниот суд ќе биде поднесена на почетокот на наредната недела

Иницијативата на ВМРО – ДПМНЕ за личните документи  до Уставниот суд ќе биде поднесена на почетокот на наредната недела

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Иницијативата на ВМРО – ДПМНЕ за личните документи до Уставниот суд ќе биде поднесена на почетокот на наредната недела, најави денеска Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, а како единствен излез од ситуацијата со личните документи рече дека е Уставниот суд да утврди неуставност и да им се овозможи на граѓаните во наредниот период да ги користат постојните важечки документи.

Чулев рече дека откако техничкиот министер од ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на чело на Министерството за внатрешни работи, ќе се направи нова реорганизација во делот на издавање на лични документи и ќе се отворат нови пунктови.

 - По стапувањето на сила на техничката влада, ќе бидат спроведени сите внатрешни процедури со соодветно детектирање на виновникот кој на оперативно и политичко ниво дозволил да се случи ваков сериозен пропуст. И во конкретниот случај ќе бидат преземени сите мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, а собраните докази ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за постапување, најави Чулев.

За актуелната ситуација со личните документи, Чулев го обвини актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

 - Наместо навремено да направи соодветна внатрешна организација и соодветно да ги алоцира ресурсите за изработка на личните документи, Оливер Спасовски направи привидно решение со отворање на нов пункт – оставајќи ги граѓаните во состојба на студ и на минусни температури со часови да чекаат во ред. Но, парцијалното решение на Спасовски, наместо да го реши проблемот, создаде хаос со цели купови лични документи кои чекаат изработка во депоата на Министерството за внатрешни работи, а за подигнување во нехумани услови се чека со денови, рече Чулев, додавајќи дека според информациите со кои располагаат, во Министерството за внатрешни работи веќе се трошат и последните залихи на обрасци за пасоши.

Иста ваква криза со личните документи, како што посочи, имало и пред четири години. сан/фф/ 

 

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан