• недела, 24 ноември 2024

„Чудна случка со кучето во ноќта” вечер во Народен Театар Битола

„Чудна случка со кучето во ноќта” вечер во Народен Театар Битола

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта” на Драмски театар Скопје, која вечерва ќе се одржи во во салата на НУ Народен Театар Битола, свечено ќе биде затворено 25 издание на Интернационален Фестивал на монодрама Битола 2024.

Претставата ќе им биде посветена на наградените и на театарската публика што две и пол децении го следи фестивалот кој годинава се реализира под слоганот „Слободата живее тука“.

-Фестивалското мото е директна асоцијација дека не само актерите туку и уметниците се во константна трка и потрага по слобода, а неа ја наоѓаат токму таму каде што творат, на сцените, истакна на отворањето директорката Маја Андоновска-Илијевски.

Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска. Асистент на режија е Димче Николовски, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и досега има 30 изведби на матичната сцена и на фестивалите Охридско лето во 2022 година, фестивалите „Рута“ Љубљана, „5ре“ во Велес и „Војдан Чернодрински“ Прилеп во 2023 година, каде претставата освои повеќе награди меѓу кои, наградата најдобар актер ја доби актерот Дамјан Цветановски.бт/вг/

Фото: Драмски театар Скопје

Остани поврзан