• среда, 13 ноември 2024

Човекот по кој се снимаше филмот „Хотел Руанда“ се врати во САД

Човекот по кој се снимаше филмот „Хотел Руанда“ се врати во САД

Лос Анџелес, 30 март 2023 (МИА) - Активистот за човекови права, Пол Русесабагина, кој го инспирираше снимањето на филмот „Хотел Руанда“, пристигна во САД откако беше пуштен од затвор во Руанда минатата недела, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Русесабагина (68), роден во Руанда, кој живееше во егзил во Сан Антонио, Тексас, САД, во септември 2021 беше осуден на 25 години затвор во земјата од каде што потекнува, за наводна поврзаност со група која се бори против претседателот на Руанда, Пол Кагаме, и којашто има вооружено крило. Како критичар на Кагаме, Русесабагина, вели, бил намамен во 2019 година кога се качил на приватен авион во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, верувајќи дека лета за Буџумбура, Бурунди. Авионот го однел во неговата родна земја.

Во Кигали, политичкиот бегалец бил уапсен. Тој беше ослободен минатиот петок откако Кагаме ја ублажи казната, по неколкумесечни преговори меѓу Вашингтон и официјален Кигали. Русесабагина слетал во Хјустон.

„Задоволство ми е да му посакам добредојде на Пол Русесабагина назад во САД... Русесабагина повторно е со неговото семејство. Благодарен сум им на оние со кои соработувавме во Владата на Руанда за да го овозможиме тоа“, напиша Саливан на Твитер.

Русесабагина стана светски позната личност откако глумецот Дон Чидл го отелотвори во филмот „Хотел Руанда“ во 2004 година. Тој важи за херој кој го ризикувал својот живот за во својот хотел да засолни стотици луѓе за време на геноцидот во Руанда во 1994 година.  си/сд/ 

Остани поврзан