• недела, 24 ноември 2024

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет на средба со претставници од Светска банка

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет на средба со претставници од Светска банка

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска се сретнаа со претставници од Светска банка. Во фокусот на средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, била ажурираната систематска дијагностика за Република Северна Македонија, како и досегашните резултати од партнерството со Светска банка.

Сања Маџаревиќ-Шујстер, виша економистка во чија надлежност е регионот на Западен Балкан, посочила дека економскиот раст што го постигнала Република Северна Македонија во изминатиов период не бил доволен за да се затвори јазот во животниот стандард во однос на европските земји и дека тоа е главната причина што многу млади емигрираат во странство.

-Северна Македонија има една од најголемите дијаспори во однос на нејзиното население, а иселувањето на помладите генерации го забрзува процесот на демографско стареење. Најголем дел од иселениците се на возраст од 20 до 39 години - во најпродуктивните години и се групирани во два екстреми од образовниот спектар, или многу ниско или многу високо ниво на образование. За да ги поттикнат младите да останат, фирмите треба да го намалат јазот на платите во однос на ЕУ, но тоа ќе бара зголемување на продуктивноста, трговска интеграција и поголеми иновации, рекла Маџаревиќ-Шујстер.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојаноски, како што се наведува во соопштението, потенцирал дека во Извештајот на Светска банка има многу работи кои треба да ги примениме и оти треба да направиме повеќе системски реформи.

-Најсериозниот проблем со кој лично сметам дека ќе се соочиме како држава за многу кус временски период е депопулацијата на населението, која се случува 32 години наназад. Сметам дека тука треба да се направи нешто прилично офанзивно, како што кажавте и вие - брзи мерки со кои ќе ги смениме работите. Ние мора да сфатиме дека ќе мора да ја прошириме квотата на луѓе кои ќе дојдат да работат тука, затоа што ние веќе немаме работници за одредени работни позиции, и тоа е факт, рекол Стојаноски.

Пратеникот Диме Велковски се осврнал на ажурираната дијагностика за земјава и рекол дека во секторот земјоделство и храна има потенцијал за зголемување на продуктивноста и за нови работни места, и оти тој потенцијал не е целосно искористен.

-Во наредниот период ќе мора да имаме многу инвестиции за да го добиеме тоа што сакаме да го добиеме, за да имаме подобар извоз, креирање нови работни места и нормално поголеми приходи, рекол Велковски. фф/бак/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан