• недела, 28 јули 2024

Членовите на здружението „Кочански рибар“ пуштија 100 килограми рибен подмладок во акумулацијата Гратче

Членовите на здружението „Кочански рибар“ пуштија 100 килограми рибен подмладок во акумулацијата Гратче

Кочани, 21 декември 2023 (МИА) – Членовите на спортско риболовното здружение „Кочански рибар“ извршија порибување на акумулацијата Гратче, при што во водите на езерото беа пуштени 100 килограми подмладок од крап, како и десетина килограми крупна пастрмка.

Се работи за редовна акција за збогатување на рибниот фонд откако Здружението ја презеде концесијата за вештачкото езеро, со што го продолжува своето успешно работење и остварувањето на законските обврски.

-Рибата е набавена од сертифициран рибник и репроцентар од Неготино со кој и досега нашето здружение имаше успешна соработка. Притоа, инвестиравме сопствени средства собрани од членарина, од продажба на риболовни дозволи и од други извори. Ги потсетуваме риболовците дека треба да го почитуваат правилата за риболов, односно рибата да не се лови додека не ја достигне потребната тежина, истакна Ивица Јорданов, претседател на Здружението.

Од кочанското риболовното здружение најавија дека наскоро ќе следи уште едно порибување на акумулацијата Гратче со околу 250 килограми бела риба од видот клен и попадика. Тоа ќе биде дел од проектот „Спортскиот риболов еликсир за младите“, чија цел е промоција на риболовот како спортска дисциплина и проширување на можностите за алтернативен туризам во општина Кочани.

Проектот се реализира во соработка со Здружението на Роми „Авена“ од Кочани, а вклучени се 20 ученици од основното и средното образование. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан