Членовите на Европската комисија во дводневна посета на Кипар
- Предвидено е Колеџот на комесарите да има средба со владата на Кипар со цел зајакнување и понатамошно унапредување на соработката меѓу двете институции преку состаноци на високо ниво и дискусии за клучни политички прашања од заеднички интерес и за Комисијата и за Советот на ЕУ.
Брисел, 15 јануари 2026 (МИА) - Членовите на Европската комисија, предводени од претседателката Урсула фон дер Лајен, денеска и утре ќе престојуваат во посета на Кипар, кој е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Според најавата, предвидено е Колеџот на комесарите да има средба со владата на Кипар со цел зајакнување и понатамошно унапредување на соработката меѓу двете институции преку состаноци на високо ниво и дискусии за клучни политички прашања од заеднички интерес и за Комисијата и за Советот на ЕУ.
Предвидено е состаноците меѓу еврокомесарите и кипарските министри и заменик-министри да се одржат во новото пристаниште во Лемесос и да бидат организирани во четири тематски групи.
Паралелно со ова, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе има билатерална средба со претседателот на Кипар, Никос Христодулидес.
На крајот, предвидено е одржување и пленарна сесија на еврокомесарите и на министрите во кипарската влада, со која ќе претседаваат Фон дер Лајен и Христодулидес.
Покрај работниот дел, посетата ќе вклучува и обиколка од страна на еврокомесарите на дел од „Зелената линија“ во Лефкоза, при што ќе ја посетат и фотографска изложба „Кипарското прашање“ во организација на Канцеларијата за печат и информации на Кипар.
Еврокомесарите ќе имаат обиколка и на новиот патнички терминал во пристаништето Лемесос и ќе ја посетат изложбата на отворено „Амалтеа“, која го афирмира Кипар како европски хуманитарен центар во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка.
Посетата на Колеџот на комесарите на земјата на актуелен претседавач на Советот на ЕУ е вообичаена пракса на почетокот на секое претседателство. сп/ми/
Фото: МИА Архива