• среда, 18 декември 2024

Членките на ЕУ ги усогласија ставовите за законот за борба против криумчарењето мигранти 

Членките на ЕУ ги усогласија ставовите за законот за борба против криумчарењето мигранти 

Брисел, 13 декември 2024 (МИА) – Земјите членки на Европската унија денеска постигнаа договор околу нивниот заеднички став за Предлог-законот за спречување и спротивставување на криумчарењето мигранти, кој ќе биде основа за претстојните преговори на Советот на ЕУ со Европскиот парламент за конечната верзија на ова законско решение. 

Како што соопшти Европскиот совет, целта на овој предлог е да обезбеди усогласување на одредбите во кривичните законодавства на земјите членки на ЕУ за прашања како што се дефинирањето и санкционирањето на криумчарењето мигранти.  

Според унгарскиот министер за правда Бенце Тусон, третирањето на кривичното дело криумчарење мигранти на униформен начин низ ЕУ би одиграло клучна улога во справувањето со оваа појава. 

- Ако сакаме да бидеме сериозни во врска со заштитата на нашите граници, треба да ја засилиме борбата против шверцот на мигранти. Со заземање цврст став против шверцерите, можеме да ги заштитиме луѓето од експлоатација од страна на криминалците, додаде Тусон. 

Борбата против криумчарењето мигранти е еден од приоритетите на ЕУ и се смета за клучен елемент во справувањето со илегалната миграција. 

Согласност со договорениот текст, од земјите членки на ЕУ се бара како кривично дело во нивните национални законодавства да го дефинираат „намерното помагање на државјанин на трета земја да влезе, транзитира или да остане на територијата на која било од државите членки на Европската Унија во замена за финансиска или материјална корист“. 

За индивидуално извршување на оваа кривично дело со Предлог-законот се предвидува максимална затворска казна од три години, а доколку неговите сторители се дел од криминална организација или употребуваат „сериозно насилство“ врз мигрантите, тогаш се предлага санкција од осум години затвор. Доколку вршењето на кривичното дело криумчарење резултира со смрт на мигрант, се предлага максимална затворска казна од десет години.  

Според усогласениот текст, на земјите членки им се остава можноста да воспостават и подолги максимални казни. 

Законскиот предлог предвидува и казни за правни лица вклучени криумчарењето мигранти, кои би изнесувале одреден процент од нивниот промет на глобално ниво до најмногу 40 милиони евра. 

Во договорениот текст од страна на земјите членки е задржан и предлогот на Комисијата за вметнување на т.н. „хуманитарна клаузула“, која предвидува дека „одредена помош за илегалните мигранти, особено помошта на членови на блиското семејство или поддршката за задоволување на основни човечки потреби“ нема да биде третирана како кривично дело криумчарење мигранти.  

Сепак, со предлогот им се остава на земјите членки сами да решаваат околу „хуманитарна клаузула“ во нивните национални законодавства поврзани со криумчарењето мигранти. 

Според податоците на Европол, во 2023 година биле регистрирани речиси 380.000 илегални преминувања на надворешните граници на блокот, при што над 90 отсто од овие лица користеле услуги на криумчарите на мигранти. 

Податоците на ОН, пак, укажуваат дека мрежите за шверц на луѓе остваруваат годишен профит од меѓу 4,7 и 6 милијарди долари, што го прави криумчарењето мигранти профитабилна криминална активност. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан