• недела, 24 ноември 2024

Чиполоне: За поголем економски раст потребно е зголемување на реалните плати 

Чиполоне: За поголем економски раст потребно е зголемување на реалните плати 

Брисел, 1 април 2024 (МИА) - Реалните плати во ЕУ мора да се зголемат доколку сакаме трајно економско зајакнување и поголема стапка на раст на економијата, смета членот на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Пјеро Чиполоне. 

- Доколку реалните плати не се зголемат, тоа може да доведе до раст на ризикот од долготрајна економска стагнација, што може да предизвика трајни последици, бидејќи инвестициите и снабдувањето би се приспособиле на постојана ниска побарувачка, изјави Чиполоне. 

Според него, ако реалните плати останат ниски, работниците ќе продолжат да купуваат помалку, што ќе ги натера компаниите да очекуваат помала потрошувачка и ќе го намалат производството. 

Статистичките податоци покажуваат дека и покрај нивниот номинален раст, платите во ЕУ реално во 2022 година се намалиле за 4,3, а во 2023 за 0,7 отсто. 

Чиполоне смета дека падот на реалните плати придонесува и за забрзана деиндустријализација на Европа. 

- Падот на реалните плати во последните две години, во комбинација со повисоките финансиски трошоци, ја намали цената на трудот во однос на капиталот и другите инпути, како што е енергијата. Ова ги дестимулира инвестициите во секторите кои бараат капитал, како што е индустријата, вели Чиполоне. 

Според него, поради поевтината работна сила, компаниите се помалку мотивирани да инвестираат во машини и други капитални добра кои му овозможуваат на просечниот работник да произведува повеќе, туку наместо тоа тие се ориентираа кон ангажирање повеќе работници. 

Податоците на Европската статистичка агенција (Евростат) покажуваат дека во јануари годинава вкупното индустриско производство во Еврозоната опаднало за 6,7 проценти на годишно ниво, а само производството на капитални добра, односно машини и опрема, е намалено за 12,1 отсто. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан