• четврток, 26 декември 2024

Чин во телефонски разговор со Блинкен: Кинеско-американските односи се соочуваат со нови тешкотии и предизвици

Чин во телефонски разговор со Блинкен: Кинеско-американските односи се соочуваат со нови тешкотии и предизвици

Пекинг, 14 јуни 2023 (МИА) - Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека односите меѓу двете земји се соочуваат со „нови тешкотии и предизвици“, соопшти Пекинг.

„Од почетокот на годината, кинеско-американските односи се соочуваат со нови тешкотии и предизвици. Јасно е кој е одговорен“, рече Чин.

Според кинеското МНР, по телефонскиот разговор меѓу двајцата дипломати, Чин додаде дека „Кина отсекогаш ги гледала и управувала кинеско-американските односи во согласност со принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни, изнесени од претседателот Си Џинпинг“.

Повикот меѓу двајцата дипломати доаѓа пред очекуваната посета на Блинкен на Кина в недела.

Американскиот државен секретар рече дека со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг телефонски разговарал за „отворените канали на комуникација“.

„Разговарав со државниот советник и министер за надворешни работи на НР Кина, Чин Ганг по телефон. Разговаравме за тековните напори за одржување отворени канали за комуникација, како и за билатерални и глобални прашања“, објави Блинкен на Твитер.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер во соопштение посочи дека „секретарот разговараше за важноста од одржување отворени линии на комуникација за одговорно управување со односите меѓу САД и НР Кина за да се избегнат погрешни пресметки и конфликти, а се осврна и на низа билатерални и глобални прашања“.

Блинкен, исто така, „јасно стави до знаење дека САД ќе продолжат да користат дипломатски ангажмани за да ги подигнат областите на загриженост, како и областите на потенцијална соработка“, рече Милер.

Се очекува Блинкен да пристигне во Пекинг на 18 јуни, што е прво патување на висок американски дипломат во Кина по неговиот претходник Мајк Помпео во октомври 2018 година, изјавија американски официјални лица. паг/

Остани поврзан