• сабота, 23 ноември 2024

Чешкиот парламент одобри распоредување американски сили во земјата

Чешкиот парламент одобри распоредување американски сили во земјата

Прага, 20 јули 2023 (МИА) - Чешкиот парламент го одобри одбранбениот договор што земјата го потпиша со САД во мај, со кој ќе се продлабочи воената соработка и ќе се олесни распоредувањето на американските трупи на чешка територија.

Долниот дом на Парламентот со 115 гласа „за“ и 18 „против“ го одобри билатералниот Договор за одбранбена соработка со САД.

Договорот минатата недела беше усвоен од Сенатот, Горен дом на чешкиот Парламент, а останува уште документот да го потпише претседателот на државата Петр Павел.

Поранешниот генерал на НАТО Павел се залага за зајакнување на западната воена алијанса.

Документот ја поставува правната рамка за можно распоредување на американски војници во Чешка додека војната во Украина беснее во источна Европа, што почна на 24 февруари 2022 година со руската инвазија врз оваа земја, пренесуваат американските медуми.

Секое американско воено распоредување на чешка територија, сепак, ќе мора да има посебно одобрение од чешката Влада и Парламент.

Одлуката на Чешка е продолжување на американското зајакнување на источното крило на НАТО.

Претходно оваа година беше отворен првиот постојан воен гарнизон во Полска, што сојузниците го оценија како знак на единството на НАТО „против руската агресија“. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан