• сабота, 23 ноември 2024

Чешка е земја во фокус на 13. „МакеДокс“

Чешка е земја во фокус на 13. „МакеДокс“
Скопје, 16 август 2022 (МИА) - Земја во фокус е Чешка во рамки на програмата на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе се одржува од 18 до 25 август во Скопје. Почесна гостинка на фестивалот е познатата чешка документаристка Хелена Тшештикова, која ќе одржи и мастерклас на 20 август во „Europe House Скопје“. Програмата „Земја во фокус“ ќе се одвива со тематски наслов „Чешки филмски експеримент – два, нула, два, два“ и ќе опфати осум долгометражни и неколку кратки, анимирани и доку-анимирани филмови кои ќе ја претстават најновата чешка документаристичка сцена, доловувајќи ѝ ги на публиката на „МакеДокс“ атмосферата и темите што ги интересираат авторите на чешките документарни филмови, нивниот начин на работа, како и односот кон протагонистите и развојот на првичната идеја до филм како целосно дело. - Време на промени, историски и политички превирања, пандемии, научни откритија, експерименти, авантури – се теми што ги обработуваат најновите чешки документарни филмови. Интересен е фактот што најголем удел при продукцијата на овие чешки документарни филмови има Чешката национална телевизија, која очигледно сè уште покажува особен интерес за презентирање на овие социјални и општествени проблеми и настани на граѓаните и се јавува како главен продуцент во најголем број од документарните филмови, соопшти тимот на „МакеДокс“. Програмата ќе почне на 19 август со проекција на филмот „Рене - Затвореник на слободата“ (Чешка, 2021) на режисерката Хелена Тшештикова. -Таа е една од најзначајните авторки во чешката документаристика и „мајка на тајм-лапс документарецот“. На 20 август во „Europe House Скопје“ Тшештикова ќе одржи мастерклас на кој низ разговор со Туе Стен Милер ќе ги сподели своите тајни за тоа како ги снима своите документарци, чие снимање понекогаш трае и по 20 години, информира „МакеДокс“. Програмата Земја во фокус – Чешка е поддржана од Амбасадата на Република Чешка во Скопје, Чешкиот центар - Софија и Сивус - Групација „Арикома“. Фестивалската програма на 13. „МакеДокс“ ќе се прикажува на четири локации - во Куршумли ан, плато пред Куршумли ан, Младинскиот културен центар и „Europe House Скопје“. Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“. хс/лв/  

Остани поврзан