• недела, 24 ноември 2024

Чешката Амбасада организира конференција „Можности за проширување“

Чешката Амбасада организира конференција „Можности за проширување“
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Чешката амбасада во земјава денеска организира конференција „Можности за проширување“, како дел од серијата настани што ги организираат заедно со Амбасадата на Чешка во Бугарија, со цел подобрување на добрососедските односи и дијалогот меѓу Скопје и Софија, како и можностите за зајакнување на економската соработка. На конференцијата обраќања ќе имаат чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва, евроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир, шведската амбасадорка во Скопје, Ами Ларсон-Јаин, шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија, како и амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш. Во рамки на конференцијата ќе се одржат и две панел дискусии, на кои ќе учествуваат и јапонскиот амбасадор во земјава Хиронори Савада, Лукаш Кованда од „Тринити банк“ од Чешка, шефот на одделот за соработка во ЕУ делегацијата во Скопје, Штефен Худолин, како и Руслан Стефанов, директор на Економската програма од Центарот за проучување на демократијата. Чешкиот амбасадор Лудва, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, на брифинг со новинарите во петокот кажа дека Чешка отсекогаш била силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, посочувајќи дека преговорите со ЕУ се долг и тежок процес и оти реформите се во основата на овој процес и доколку државава не ги спроведе, не може да оди напред на патот кон ЕУ. Тој најави дека како Амбасада ќе организираат неколку конференции за Северна Македонија и добрососедските односи, особено за подобрување на дијалогот со Бугарија, заедно со чешката Амбасада во Софија. -Ќе имаме неколку конференции, една во Скопје, една во Софија, и една во пограничните градови Петрич и Струмица, фокусирани врз подобрување на дијалогот, подобри соседски односи, размена на искуства со Бугарија која веќе го помина патот за во ЕУ, предностите на заедничкиот пазар меѓу двете соседни земји, особено во полето на трговијата и инвестициите, рече Лудва. Првата конференција се одржа во понеделникот во Софија, втората е денеска во Скопје, а преостанатите две во Петрич на 31 октомври и во Струмица на 1 ноември. Лудва од овие конференции очекува подобро меѓусебно разбирање, добри соседски односи и особено размена на искуства во повеќе области, а фокусот ќе биде на меѓусебната соработка меѓу невладините организации. На прашањето како го оценува сегашното ниво на односите меѓу Скопје и Софија, Лудва рече дека ништо на светот не е совршено, но секогаш се може да биде подобро и оти гледа простор за соработка, која што, вели, ќе се обидеме да ја подобриме уште повеќе. нд/бак/

Остани поврзан