• петок, 27 декември 2024

Четири деца загинаа во потонатиот чамец со бегалци и мигранти во близина на грчкиот остров Хиос

Четири деца загинаа во потонатиот чамец со бегалци и мигранти во близина на грчкиот остров Хиос
Атина, 26 октомври 2021 (МИА) –  Четири деца на возраст од три до 14 години загинаа откако потона чамец со бегалци и мигранти, во морскиот дел, југоисточно од островот Хиос, едно лице се води за исчезнато, а 22 се спасени, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, преку „Твитер“ информираше за билансот од несреќата, објави фотографии и истакна дека Турција мора да ги спречи криумчарите. - Ова е реалноста на експлоатацијата на мигрантите од страна на криминалните банди во Егејското Море. Бескрупулозните криумчари ги ставаат во опасност животите во претоварените непловни гумени чамци кај Хиос. Трагично, и покрај максималните напори на грчката крајбрежна служба, четири деца, сите на возраст од три до 14 години - се потврдени мртви, едно лице се води за исчезнато, 22 се спасени и се згрижени на брегот. Турските власти мора да сторат повеќе за да ја спречат експлоатацијата од криминалните банди. Овие патувања никогаш не смеат да се дозволат, напиша Митаракис. Во спасувачка акција на грчката крајбрежна служба во морскиот дел, југоисточно од островот Хиос, според грчките медиуми, учествуваат три бродови, два на крајбрежната служба и еден на НАТО, хеликоптер супер пума, хеликоптер на грчката армија, три рибарски чамци и три бродови што се наоѓаат во близина. ср/паг/

Остани поврзан