• понеделник, 24 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Четиринаесет години македонски весник „Илинден“

Четиринаесет години македонски весник „Илинден“

Дебар, 1 март 2025 (МИА) -  Пред точно четиринаесет години на денешен ден како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник „Илинден“ како гласило на македонското друштво „Илинден“-Тирана. 

- Македонскиот весник „Илинден” досега има отпечатено 60 изданија. Изминативе четиринаесет години весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот, вели за МИА, главниот и одговорен уредник Никола Ѓурѓај.

Додава дека во изминатите години весникот дал голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Албанија и дека континуирано работи на заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија.

- Покрај печатената верзија, весникот, почнувајќи од март 2017 година може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com. На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност за сите Македонци во Република Албанија, регионот и цел свет. Истата година, од септември  весникот е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од трите најголеми читачи на вести во Македонија: www.grid.mk , www.daily.mk и www.vesti.mk Од август 2022 година е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија, посочува Ѓурѓај.

Информира дека сите броеви на  весник се достапни и во Националната библиотека во Тирана, Библитеката на Собранието на Република Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, на Македонската академија на науките и уметностите, Библиотеката „Григор Прличев – Охрид” и Државниот архив на Македонија.

- Мисијата на нашиот весник и понатаму останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците ширум светот, вели Ѓурѓај. вт/бак/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан