• понеделник, 15 декември 2025

Четврто издание на „Слоу Фуд Салон 2025“

Четврто издание на „Слоу Фуд Салон 2025“

Скопје, 13 декември 2025 (МИА) - Под мотото „Заедно со природата“, денеска во Скопје ќе се одржи четвртото издание на „Слоу Фуд Салон 2025“. 

Како што најавуваат организаторите, посетителите ќе може да уживаат, истражуваат и дегустираат на Саемот на производи на храна, запознавајќи ги локалните и регионалните производители од целата Македонија кои ја негуваат традицијата и произведуваат добра, чиста и правична храна. На Саемот ќе има и Салон на пијалоци, што е идеална можност да се откријат и вкусат пијалаци произведени со почит кон природата.

-Ќе го истражуваме длабокиот однос помеѓу човекот и природата, инспирирани од мислата на Алберт Ајнштајн: „Погледнете длабоко во природата и тогаш сè ќе разберете подобро“.
Во време кога се оддалечуваме од нашите корени, Слоу Фуд ја покажува патеката кон обновување на врската со природата и еко-системот. Токму затоа овој салон не е само настан, туку повик за промена: премин од трошење на природни ресурси во регенеративна фаза која ја обновува и почитува земјата, водата и сите живи организми, информираат од „Слоу Фуд“.

На Слоу Фуд Арената ќе се одржат три форуми каде ќе се судруваат идеи и ќе се водат отворени разговори кои ја обликуваат нашата врска со природата: Едукација за одржлива иднина, Агроекологија и Слоу Фуд фарми и Слоу Фуд Травел.

Организаторите најавуваат атрактивни мастер класови и дегустации, богатата палета на Миксологијата - локалните пијалаци во нови комбинации, потоа- школо за готвење - новитет каде ќе се изучува природната храна и природните процеси, рецепти за ферментирање и подготовка на храна а вистинска авантура ќе биде да се истражи Павиљонот Маслинкарник...

-Детското катче е специјално подготвено за најмладите, а во него, децата ќе учествуваат во четири креативни работилници кои ќе ги поврзат со природата и храната: „Шепот на природата“, „Природна сложувалка“, „Разговор со природата“ и „Малите чувари на живиот свет“, посочуваат организаторите.

„Слоу Фуд Салонот“ е подржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect. фф/мч/

Фото: Слоу Фуд Салон 

Остани поврзан