• вторник, 24 декември 2024

Четвртооделенците од ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во посета на Општина Ѓорче Петров 

Четвртооделенците од ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во посета на Општина Ѓорче Петров 

Скопје, 19 ноември 2024 

Во рамки на наставниот предмет Историја и општество, учениците од четврто одделение при ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ денеска посетија Општина Ѓорче Петров. Заедно со градоначалникот Александар Стојкоски, учениците како ,,општински советници,, на интерактивен начин, преку симулација на општинска седница, научија како се дискутираат и усвојуваат предлози за различни проекти.

Малите „советници“ учествуваа во дебата, поставувајќи интересни прашања како: „Кој одлучува за изградба на нови паркови и игралишта?“ и „Како се избира што е најважно за граѓаните?“. Градоначалникот ги охрабри да размислуваат како вистински советници, објаснувајќи им ги чекорите од идеја до реализација, со посебен акцент на тимската работа и важноста на мислењето на граѓаните.

Вработените од различни одделенија во Општината ги запознаа децата со нивната работа. Учениците беа поделени во помали групи и посетија одделенија како урбанизам, финансии и служби за јавни услуги. Таму добија можност да видат како се водат проекти, како се комуницира со граѓаните и како се обезбедуваат важни услуги за општината.

Покрај учењето, атмосферата беше исполнета со искрени насмевки, ведрина и енергија. Децата внесоа посебна топлина во општинската зграда, а нивната љубопитност и ентузијазам беа инспирација за сите.

На крајот, учениците добија задача да предложат сопствена идеја за подобрување на нивната населба. Оваа активност не само што им овозможи да ја разберат улогата на локалната власт, туку и ги поттикна да размислуваат креативно и критички за својата заедница.

Општина Ѓорче Петров со радост ќе продолжи да поддржува вакви иницијативи, кои ја инспирираат идната генерација да биде активен и одговорен дел од општеството.

Општина Ѓорче Петров

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото Општина Ѓорче Петров

Остани поврзан