• вторник, 26 ноември 2024

Четврти Меѓународен форум на креативни индустрии во Скопје

Четврти Меѓународен форум на креативни индустрии во Скопје

Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје денеска во едукативниот културен центар „Лабораториум“ го организира Четвртиот Меѓународен форум за креативни индустрии „Иновативноста и креативноста како капитал во креативната економија“. 

Форумот има за цел да ја истакне улогата на културата и креативноста како поттикнувачи на креативната економија, како и да ги анализира можностите што ги нудат иновациите и дигиталната трансформација.

Настанот, како што најавија организаторите, ќе собере повеќе од 30 гости, различни засегнати страни, вклучувајќи претприемачи, иноватори, лидери во креативните индустрии, професори, граѓански организации, како и претставници од владини институции и меѓународни партнери.

Форумот ќе опфати повеќе теми и активности поврзани со креативните индустрии и нивниот придонес кон економскиот развој. Панел-дискусиите ќе се фокусираат на клучните аспекти на креативната економија. Во првиот панел, учесниците ќе дискутираат за главните бариери со кои се соочуваат малите и средните претпријатија при пристапот до глобалните пазари, а ќе се разгледаат и интервенциите што се потребни за градење капацитети и поттикнување инвестиции во креативните индустрии. Следниот панел ќе истражи како иновациите, дигиталните алатки, вештачката интелигенција и технолошките напредоци ги преобразуваат бизнис моделите во културните и креативните индустрии. Еден од клучните моменти ќе биде дискусијата за улогата на универзитетите и другите образовни институции во поддршката на креативната економија.   

Ќе се дебатира и за правичната компензација, права и финансиски можности во дигиталното доба. 

Презентациите на иновативни модели од регионот и Европа ќе понудат практични примери на успешни иницијативи, како што се хабови, културни центри и пренаменети простори кои работат во интерес на креативната економија. 

Форумот ќе заврши со сумирање на заклучоците од дискусиите, при што ќе бидат дадени конкретни препораки за политики и стратегии. 

Настанот е поддржан од УНЕСКО преку проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (Culture and Creativity for the Western Balkans). Проектот е со поддршка од Европската Унија, Министерството за култура и туризам, Британскиот совет, а во соработка со иницијативата „Србија создава“ и КЕА Брисел. са/вг/

Фото: УМПАКИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан