• вторник, 12 ноември 2024

Четворица работници загинаа во експлозија во хидроцентрала во Италија, петмина се водат за исчезнати

Четворица работници загинаа во експлозија во хидроцентрала во Италија, петмина се водат за исчезнати

Рим, 9 април 2024 (МИА) - Во експлозија за време на одржувањето на хидроцентралата на браната Сувијана меѓу Болоња и Фиренца во Италија попладнево, најмалку четири лица загинаа, тројца се повредени, додека пет лица се водат како исчезнати, извести полицијата во Болоња.

Во претходниот извештај беше кажано дека има тројца загинати и шест исчезнати.

Претседателот на општината Камуњано, каде што се наоѓа хидроелектраната, Марко Масинара, изјави дека експлозијата се случила на деветто ниво под површината на земјата за време на работа за одржување на турбините.

Според шефот на противпожарната бригада на Болоња, Калогеро Туртуричи, просториите во кои се случила експлозијата се делумно поплавени и исполнети со чад и во моментов се недостапни.

Тој рече дека засега не може да се утврдат причините за несреќата.

Италијанската групација „Енел Грин Пауер“, подружница специјализирана за обновливи извори на енергија на гигантот „Енел“, во соопштението објавено од локалните медиуми наведува дека „избувнал пожар и го зафатил трансформаторот на хидроцентралата“, но набрзо „беа активирани сите безбедносни мерки за да се овозможи „соодветна евакуација на персоналот“.

Од Енел најавија дека продолжуваат да работат применувајќи ги сите неопходни безбедносни мерки согласно внатрешните процедури за да се гарантира евакуација на персоналот.

Премиерката Џорџа Мелони на социјалните мрежи објави дека со страв ја следи страшната вест за експлозијата.

И вицепремиерот Антонио Тајани претходно изјави дека со „загриженост“ ги следи случувањата. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан