Четворица полицајци загинаа во судир со демонстранти во Пакистан
- Четворица пакистански полицајци загинаа денеска во главниот град Исламабад во судир со демонстрантите кои бараат ослободување на поранешниот премиер Имран Кан, кој е во затвор, соопштија властите. Некои од возилата во конвојот на демонстрантите кои се движеа кон Исламабад прегазија припадници на службата за безбедност, при што некои од нив загинаа, се додава во соопштението.
Исламабад, 26 ноември 2024 (МИА) - Четворица пакистански полицајци загинаа денеска во главниот град Исламабад во судир со демонстрантите кои бараат ослободување на поранешниот премиер Имран Кан, кој е во затвор, соопштија властите.
Некои од возилата во конвојот на демонстрантите кои се движеа кон Исламабад прегазија припадници на службата за безбедност, при што некои од нив загинаа, се додава во соопштението.
Локални медиуми јавија дека најмалку шест лица загинале во насилство поврзано со протестите. Полицијата ги припиша нападите на „криминалци“, но не ги идентификуваше, а потврди дека загинале четворица полицајци.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф го осуди нападот, велејќи дека „анархистичка група“ намерно целела кон полицајци.
Илјадници приврзаници на Кан утрово маршираа во главниот град, пробивајќи ги барикадите како одговор на неговиот повик за протест во близина на парламентот, со барања кои се движат од ослободување на нивниот лидер до оставка на владата. ссм/
фото: ЕПА