• сабота, 23 ноември 2024

Честитка од македонскиот весник „Илинден" по повод  80-годишниот јубилеј на весникот „Нова Македонија”

Честитка од македонскиот весник „Илинден

Дебар, 29 октомври 2024 (МИА) - Македонскиот весник „Илинден” од Тирана упати честитка по повод 80-годишниот јубилеј на весникот „Нова Македонија”.

- Искрени честитки до „Нова Македонија" како прв национален весник, издаден пред 80 години во слободна Македонија, на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Скромно е да се каже дека весникот „ Нова Македонија” беше и остана бренд на македонската држава, стои во честитката.

Се наведува дека немерлива е неговата улогата во презентацијата и афирмацијата на цивилизациските и културолошките вредности и креации на Македонците како целина, како и дострелите на поединци и групи, што претставува значаен удел во светската богата ризница на информации.

- Осамостојувањето на Република Македонија нужно донесе трансформација и на статусот на весникот „Нова Македонија”, меѓутоа креативниот дух на весникот, неговата сериозност и стабилност го потврдија за достоен на времето во кое живееме, ослободен од разни влијанија и подметнувања, од дезинформации и јазикот на омразата, и од ирационални конфронтации, се нагласува во честитката.

Се посочува дека весникот „Илинден” негува соработка со „Нова Македонија”, со што стана прв весник на Македонците во Република Албанија и Балканот кој е дел од порталот „Нова Македонија“. 

- Македонското друштво „Илинден" - Тирана годинава му ја додели награда „Илинден” за делото и творештвото на весникот „Нова Македонија”. Веруваме дека соработката во интерес на вистината ќе продолжи и понатаму, се посакува во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот „Илинден" и претседател на истоименото  македонско друштво. вт/лв/

 фото:Принтскрин

Остани поврзан