• четврток, 19 декември 2024

Чествување на 2 Август под слоганот „Илинден - Нашата сила за иднината“

Чествување на 2 Август под слоганот „Илинден - Нашата сила за иднината“
Скопје, 31 јули 2022 (МИА) - Под слоганот „Илинден - нашата сила за иднината“, годинава, се одбележува 2 Август - Денот на Републиката - Илинден. Во таа чест, соопшти вечерва владината прес-служба, делегации на Владата, на Собранието и на претседателот на државата ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености. -И оваа година, граѓаните на Република Северна Македонија го слават националниот празник почитувајќи ги заедничките, интеркултурни вредности, меѓусебно почитувајќи се, празнувајќи гордо, достоинствено и обединето, наведуваат од Владата. Како што информираат, чествувањето на денот, кога славиме 119 години од започнувањето на Илинденското востаниеч прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, ќе започне на 1-ви август во 20:45 часот во Крушево, кога традиционално, во организација на Општина Крушево започнува манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. На Манифестацијата која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани, ќе присуствува и ќе се обрати и претседателот на Владата Димитар Ковачевски, кој годинава ја предводи владината делегација во Крушево, по повод прославата на националниот празник Илинден. Делегации на Владата учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август - Денот на Републиката - Илинден: „Нашата сила за иднината“. Одбележувањето на Денот на Републиката и Илинден на 2 Август ќе започне со настаните во Скопје, каде високите делегации ќе ги предводи и ќе се обрати претседателот Стево Пендаровски. Во 8:00 часот делегацијата предводена од претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните, на градските гробишта „Бутел“. Потоа, делегации ќе положат свежо цвеќе на спoменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад. Свечената манифестација ќе продолжи со обраќањето на претседателот на државата Стево Пендаровски во вилата на Водно во 9:00 часот. Владината делегација во Скопје ја предводи вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити. Дополнително во владината делегација се Христина Оџаклиеска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, Башким Хасани, заменик-министер за одбрана и Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка. Претседателот на државата Пендаровски по повод одбележувањето на Илинден – Денот на Републиката, на 2 Август 2022 година, ќе ја предводи и државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“. Државната празнична програма, стои во соопштението, продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во организација на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери. Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, со почеток во 10:00 часот, ќе биде положено цвеќе, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма. На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ќе ја сочинуваат министерот за здравство Беким Сали, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски предводејќи висока владина делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски се првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република, со почеток во 8:30 часот. Од 10:30 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин камен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која свечено ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма. Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација. -Од 9:00 часот, владината делегација, предводена од министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во придружба на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и  заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски ќе оддадат почит на могилата на Даме Груев, споменикот на смилевски Илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев и во 10:00 часот во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава, најави владината прес-служба.лв/  

Остани поврзан