Чествување на ликот и делото на проф. д-р Драги Михајловски
- Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска организира настан за чествување на ликот и делото на проф. д-р Драги Михајловски.
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска организира настан за чествување на ликот и делото на проф. д-р Драги Михајловски.
На настанот што ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје, поздравно обраќање ќе има деканката проф. др. Анета Дучевска, а воведна реч проф. др. Соња Витанова - Стрезова.
Ќе бидат читани извадоци од препевите од Шекспир, Милтон... на Михајловски, како и одломки од негови раскази.
Проф. д-р Драги Михајловски (1951 - 2022) се смета за еден од најреномираните македонски писатели и преведувачи, кој ќе остане запаметен и по преводите на собраните дела Шекспир. Беше редовен професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност по предметите Теорија на преведувањето и толкувањето и Практика на преведувањето. Дoбитник е на бројни награди и признанија меѓу кои Рациновото признание, наградите „Стале Попов“ за романот „Смртта на дијакот“ (2002), наградата “Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон, награда „Григор Прличев“ за препевот на „Сите драми и сонети“ од Шекспир (2013), а и наградата “11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста (2018).
Драги Михајловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, член на ПЕН на Македонија, како и на Асоцијацијата на писателите за мир во Вашингтон, САД. вг/нд/