• четврток, 26 декември 2024

Чествување на Илинден во Крива Паланка

Чествување на Илинден во Крива Паланка
Крива Паланка, 2 август 2022, ( МИА) - Општина Крива Паланка организираше свеченост за чествување на големиот државен празник, 2 Август, Илинден. Пред платото на општината на споменикот на паднатите борци од народноослободителната борба, цвеќе положија бројни делегации од локалната самоуправа и локални институции, политички партии и здруженија. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, во својот говор истакна дека денешниот голем државен празник, Илинден, со двојно историско значење, е одраз на континуитетот на државотворната историја на македонскиот народ. - Со почит и пиетет се поклонивме пред нашите предци впишани во историјата на самобитноста и државноста на татковината. Како наследници на генерациите кои се вградија во историјата мораме да го почитуваме делото на носителите на двата Илиндена со благодарност за тоа што денеска живееме во современа, независна и меѓународно признаена држава. Го одбележуваме достоинствено датумот воздигнувајќи ја вековната желба на великаните на крушевската илинденска епопеја и на храбрите борци на народноослободителната борба, истакна Митовски. Нашата денешна Илинденска мисла и стремеж за подобра иднина, додаде тој, се темелат на континуитетот вредности вградени од дамнина надградени со модерните европски текови. - Нашата денешна борба се отсликува по добиениот кандидатски статус неодамна и отпочнатите преговори за полноправно членство во Европската Унија. Ние како државотворна партија и храбри политичари, покажуваме дека продолживме да ги надградуваме темелите на државата кои ги поставија илинденците, преку реализација на процесите пред кои беше исправена нашата држава, решавајќи ги сите крупни прашања во државата и етапно затворајќи ги. И не само кандидатскиот статус, туку затворени се прашања кои значат иднина на државата и нашите деца, рече Митовски. Тој изрази гордост што земјава е полноправна членка на НАТО алијансата, Македонска православна црква е автокефална и признаена, а и завршен е пописот на населението. - Носевме и носиме одлуки кои значат иднина и напредок на државата, храбри и патриотски одлуки за поддршката за просперитет на земјата и од одлуки кои се од највисок интерес но и вековен стремеж за државата и граѓаните, порача градоначалникот на Крива Паланка. Пред присутните се обрати и претседателот на општинскиот Сојуз на борци, Славе Јовановски, кој порача дека Крива Паланка дала свои жртви во двете илинденските борби и имала свои претставници во асномското заседание, а нивните дела се наш завет. ид/сх/  

Остани поврзан