Чарлс Трети со кампања против гладот и фрлањето храна
- Британскиот крал Чарлс Трети веќе над 50 години е поборник за попогодна животна средина и одржлива економија, а денеска, на својот 75. роденден, почна и со нова кампања за борба против гладта и фрлањето храна.
Лондон, 14 ноември 2023 (МИА) - Британскиот крал Чарлс Трети веќе над 50 години е поборник за попогодна животна средина и одржлива економија, а денеска, на својот 75. роденден, почна и со нова кампања за борба против гладта и фрлањето храна.
„Гладот е реален и битен проблем, како и фрлањето храна. И, кога ќе го премостиме јазот меѓу тие две појави, ќе ги решиме двата проблема одеднаш. Мојата голема желба е Кралската кампања за храна да најде начин да го направи токму тоа - да го спаси вишокот храна од отпад и да ја прераспредели на оние на кои им е најпотребна“, напиша кралот во статија за „Биг Ишју“ - списание што го продаваат бездомниците.
Заедно со сопругата, кралицата Камила, Чарлс својот роденден ќе го мине во прифатилиште за дистрибуција на вишок храна. Тој, исто така, ќе ги посети големите трговски центри за да види како неговиот проект може да помогне за подобра распределба на храната што вообичаено завршува в ѓубре.
Се вели дека 14 милиони луѓе во Велика Британија се соочуваат со несигурност околу прехраната, а деновиве и сѐ повеќе луѓе се соочуваат со сиромаштија поради зголемените трошоци за живот.
Чарлс вчера организираше прослава за граѓаните и организациите по повод неговиот 75-ти роденден. А, денеска ќе биде домаќин на прием за медицински сестри и акушерки. Британската Национална здравствена служба (НХС), исто така, одбележува 75 години. си/