• сабота, 28 декември 2024

Чапутова: Oчекувам дека многу скоро ќе бидеме заедно и во ЕУ

Чапутова: Oчекувам дека многу скоро ќе бидеме заедно и во ЕУ
Скопје, 7 септември 2022 (МИА) - Ги поздравувам сите чекори на вашата земја за приближување кон ЕУ. Словачка, која помина низ тој процес, ќе продолжи со континуираната, несмалена поддршка. Потребни се големи напори и политичка храброст. Подобрувањето во јавните институции и услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува, порача претседателката на Словачката Република Зузана Чапутова по денешната средба со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски. На заедничката прес-конференција со Пендаровски, Чапутова истакна дека во овој момент енергетската криза е најголемиот проблем поради што треба да се наоѓаат најдобрите и најефикасни решенија за негово надминување. Притоа, напомена дека Словачка нема да остпаи од амбициите за „зелена транзиција“. Чапутова и Пендаровски, како што соопштија, разговарале за интензивирање на економската соработка, како и за унапредување на билатералните односи во повеќе области, меѓу кои и науката и културата. -Пред неколку месеци, за среќа, преговорите беа почнати, а очекувам дека многу скоро ќе бидеме заедно и во ЕУ. Словачка постојано ги поддржува вашите напори за пристапување и подготвени сме да ги споделиме сите наши искуства во тој дел. Ние го минавме тој пат, но подобрувањето во јавните институции, услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува. Многу работи не врзуваат, имаме одлични билатерални односи и заедничка историја, рече Чапутова. Таа посебно ја поздрави позицијата на Северна Македонија во однос на руско-украинскиот конфликт. Петседателот Пендаровски се заблагодари за „постојаната и гласна“ поддршка на Словачка, нарекувајќи ја вистински пријател. Оваа посета, истакна шефот на државата, го потврдува позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, дотолку повеќе што се реализира кога нашиот пристапен процес кон ЕУ е веќе почнат. -Кога беше најтешко, Словачка, како вистински пријател, без калкукалции, не поддржуваше во сите ситуации. искрено, се надеваме на сличен пристап во иднина од сите земји членки на ЕУ, следејќи го принципиелниот однос на Словачка како еден од движечки сили на Вишеградската група, потенцира Пендаровски. Чапутова и претседателот Пендаровски по заедничката прес-конференција ќе заминат во црквата „Св. Спас“ и ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. За словачката претседателка напладне ќе биде организиран пречек на платото пред Владата каде ќе присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски, неговите заменици и други владини претставници. Чапутова и Ковачевски потоа ќе имаат билатерална средба. Претседателката на Словачка која престојува во дводневна официјална посета на земјава, утрово беше пречекана со највисоки државни и воени почести, по што следуваше тет-а-тет средбата со домаќинот, претседателот Пендаровски, а се одржа и пленарен состанок на делегациите од двете земји. мч/сст/

Остани поврзан