• недела, 24 ноември 2024

ЦУП: Потребно е да се реформира алатката „Балансер“ 

ЦУП: Потребно е да се реформира алатката „Балансер“ 

Скопје, 31 август 2023 (МИА) - Мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност во јавниот сектор веќе се контрапродуктивни, така што дејствуваат спротивно на принципот на заслуги, покажува четвртиот детален извештај од следењето на соодветната и правична застапеност во институциите од јавниот сектор, спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП). 

Наодите и заклучоците од извештајот, како што информираат од ЦУП, се во линија на мислењето на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, во кое се вели дека во државата се влошила примената на принципот на заслуги.

-  Дополнително, Комитетот тврди дека процесот е уште по проблематичен бидејќи повисоките позиции се поврзани со висок степен на партизација, што, пак, според нивните извори, е поврзано со тезата дека за вработување во администрацијата апликантите треба да имаат „вистинска“ етничка и политичка припадност, велат од ЦУП.

Препорака на Комитетот, како што дополнуваат, е да се избегнуваат мерките што имаат за цел да постигнат ригидна, математичка еднаквост во застапеноста на различни групи, што често подразбира непотребно зголемување на работните места, бидејќи тие ризикуваат да го поткопаат ефективното функционирање на институциите и да доведат до создавање посебни општествени блокови.

 - Потребна е критичка евалуација на состојбите со цел постигнување на системски решенија кои на долг рок ќе даваат позитивни ефекти. Во момент кога прашањето за „балансерот“ повторно се актуелизира, овој извештај дава концизни препораки, увид во состојбите и рамка со решенија базирани на докази. Соодветната и правичната застапеност е поширока концепција и не се базира единствено на бројки, а секако има импликации врз доброто управување како од аспект на управувачките и раководни структури, така од аспект на перформансот на административните службеници, истакна Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени. 

Извештајот кој е изработен во рамки на проектот „Поттикнување на добро управување и реформи во јавната администрација“, спроведен од ЦУП а поддржан од National Endowment for Democracy (NED), претставува системска анализа на начелото на соодветна и правична застапеност преку анализа на алатките што обезбедуваат правична застапеност на не мнозинските заедници, односно примената на инструментот – балансер кој се користи за вработување во јавната администрација. Тој ги анализира практиките за вработување во институциите со примена на алатката балансер и дава насоки за негово подобрување. ар/са/

Фото: ЦУП

Остани поврзан