• среда, 25 декември 2024

ЦУК: 11 пожари на отворено, девет пожарникари дежураат кај зградата во Чаир

ЦУК: 11 пожари на отворено, девет пожарникари дежураат кај зградата во Чаир

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) - Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало 1 743 повици во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112 и 11 пожари на отворено на територија на цела држава, кои се изгаснати. 

Од 1 743 повици, „реални“ биле 61,04 отсто, а 38,96 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 63,04 отсто, кон итната медицинска помош 25,36 отсто, а кон пожарникарите 8,33 отсто од реалните повици кон 112.

ЦУК потсетува дека пожарот во магацинот во подрумските простории во зграда на улицата „Прохор Пчински“ бр.136 во скопската општина Чаир е изгаснат вчера, во 9:30 часот,  но превентивно се уште на терен дежураат девет пожарникари со три противпожарни возила.

- Причините за пожарот и висината на направената материјална штета ќе бидат дополнително утврдени, се вели во соопштението. 

Скопските пожарникари вчера, од 11:05 до 11:40 часот, гаснеле запалено ѓубре на помала површина во село Долно Лисиче, Општина Аеродром.

ТППЕ Битола синоќа, од 20:20 до 21:45 часот, гаснеле запалено стрниште во атарот на село Српци, Општина Могила. 

Тројца пожарникари од ТППЕ Прилеп вчера, од 17:40 до 18:10 часот, гаснеле запалена ниска вегетација кај Дата Центарот.

ТППЕ Струмица во текот на изминатото деноноќие имала три интервенции. Тројца пожарникари вчера, од 18:30 до 20:40 часот, гаснеле запален лозов насад во село Чанаклија, Општина Василево. Седум пожарникари, пак, со две противпожарни возила вчера, во истиот временски период, гаснеле запалена ниска вегетација кај месноста викана Моноспитовско Блато во Општина Босилово. Тројца пожарникари вчера гаснеле запалена депонија кај село Куклиш, Општина Струмица.

Во текот на изминатото деноноќие ТППЕ Штип имала две интервенции. Првата била од 8:50 до 9:40 часот во близина на село Нов Караорман, каде гаснеле запалена ниска вегетација, а втората била од 19:30 до 20:40 часот во атарот на село Долни Балван, каде гаснеле нива со ожнеана пченка и ниска вегетација. Во двата случаи интервенирале со по двајца пожарникара и едно возило.

ТППЕ Куманово во текот на вчерашниот ден имала две интервенции поради запалена сува трева. Интервенирале од 13:05 до 13:40 часот во атарот на село Пчиња, кај месноста викана Ристово Трло и од 15:05 до 16:00 часот во населбата Рајкова Куќа. Во двата случаја интервенирале со по тројца пожарникари и едно возило.

РЦУК Тетово информира дека ТППЕ Тетово вчера, од 8:00 до 8:40 часот, гаснела запалено ѓубре кај пругата на влезот во Тетово, а имале и уште една помала интервенција.

Поради заштита од евентуални поплави, РЦУК Прилеп известува дека во текот на вчерашниот ден е одржан превентивен координативен состанок во Општина Прилеп за евентуалните опасности од поплави и претстојниот зимски период. На состанокот покрај претставници од РЦУК Прилеп и ДЗС Прилеп, имало и претставници од општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Присуствувале и претставници од АД „Водостопанство“, јавните претпријатија, Инспекторот за води и останатите надлежни служби и дејности.

- Донесени се заклучоци со кои се задолжуваат трите општини (за во урбаните средини) и АД Водостопансто - „Прилепско Поле“ (за надвор од населените места), согласно нивните надлежности, да извршат чистење на коритата и санација на критичните точки од реките и каналите, а јавните претпријатија да извршат проверка и чистење на атмосферската канализациска мрежа. Констатирано е дека моменталната состојба со водотеците е добра на територија на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, односно нивоата на реките се под просекот, а вештачка акумулација „Прилеп“ е празна и има можност за акумулирање на околу 6.000.000 метри кубни вода, се наведува во соопштението од ЦУК. мд/са/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан